Токму идејата да се реализира изложба на минерали и мозаици насловена „Срцето на прилепскиот мермер – македонскиот рубин“ придонела да се соберат неколкумина уметници, ентузијасти и вешти луѓе и да ја создадат „Тајфа Минерали“, име под кое се претставуваат на изложбата. „Тајфа Минерали“ ја сочинуваат мозаичарката Јасмина Бошевска, музичарот Деан Шкартов, како и Татјана и Илија Петковски и Искра и Марко Бекриќ

Геолошките феномени дизајнирани од природата од почетокот на човештвото го пленат човекот да истражува, да открива, да креира, да дизајнира, да се нурне во светот на творештвото и науката и во заштитата на природното богатство, вели мозаичарката Јасмина Бошевска за изложбата на мозаици и минерали, која е презентирана пред скопската јавност, во галеријата „Откритие“, лоцирана на ул. „Анкарска“ бр. 29а во Скопје.

Токму идејата да се реализира изложба на минерали и мозаици насловена „Срцето на прилепскиот мермер – македонскиот рубин“ придонела да се соберат неколкумина уметници, ентузијасти и вешти луѓе и да ја создадат „Тајфа Минерали“, име под кое се претставуваат на изложбата. „Тајфа Минерали“, покрај мозаичарката Бошевска, ја сочинуваат и музичарот Деан Шкартов, Татјана и Илија Петковски и Искра и Марко Бекриќ.

Инаку, Јасмина Бошевска, по звање филолог, љубопитно зачекорила во лавиринтот на мозаиците за да ја открие вредноста на македонските минерали, древните мозаичарски вештини, да се надоврзе на културното наследство за да ја продолжи нишката, создавајќи свои мозаични дела. На изложбата, таа се претстави со повеќе мозаици изработени од 1996 година до денес.

Деан Шкартов, кој срцето на прилепскиот мермер – минералот Korund (Рубин) Al2O3 го избруси и му даде смисла, есенцијална вредност во групата на македонски скапоцени камења, на изложбата ја презентираше својата брилијантна колекција на минерали, со што ги запозна присутните со светот на минералите.

Како што истакнува Бошевска, за занаетчијата, уметникот, природата е врховниот закон на животот, таа е инспирација, вечен учител, таа е патот по кој се создале уметноста, културното наследство, традицијата, филозофијата, литературата, а ние сме едноставни луѓе, кои имаат задача од природата да создаваат дела, вештини што ќе се пренесуваат во наследство низ генерациите.

„Таа неповторлива симфонија од звуци што ѕвонат под ударот на чеканот врз каменот кога се кали мозаикот, зуењето на минералите кога се брусат, а посебен е македонскиот рубин до последната своја дизајнирана форма – елегантно, млечнорозово камче, кое ќе заблеска на некој филигран или мозаик, кај вештиот мајстор предизвикува постојано и постојано потврдување на мислата на Брехт дека уметноста не го отсликува општеството, туку го обликува со чекан и наковална, го бруси…“, додава мозаичарката.

Како што истакнува таа, со овој проект сакаат да стимулираат ново творештво, нови конекции и истражувања, кои ќе ги редат коцкичките на мозаикот на вистинското место.

Изложбата беше организирана во рамките на манифестацијата „Европски денови на наследството 2024“ и може да се види преку групни изложби, со претходна најава.