Татко ѝ од почеток тврдеше дека е киднапирана!

Сведочеше мајката на Вања, Зорица Ѓорчевска

734

Речиси целото сведочење на мајката, на 14-годишната Вања, Зорица Ѓорчевска, беше на прашања поврзани за нејзиниот сопруг и неговото однесување – обвинет за соучество во киднапирањето на нивната ќерка, која на крај на свиреп начин беше убиена и закопана во дупка.

„Цело време, уште од самиот почеток, Сашко тврдеше дека Вања е киднапирана, нема што друго да било, цело време повторуваше, до последниот момент, одговори на прашање на обвинителството мајката на девојчето. На местото каде што стоеше, Зорица Ѓорчевска, изгледаше пред јавноста цврсто, мајка која се носи со целата несреќа што и се случила… И така и остана до самиот крај од сведочењето, јасна во своите одговори. Дијагонално од неа, на обвинителната клупа седеше нејзиниот поранешен сопруг Александар, додека таа зборуваше за него, тој само плачеше, ја наведнуваше главата и со раце си го покриваше лицето. Зорица кажа дека не е скарана со таткото на нејзините ќерки, а останатите обвинети не ги познава. Со Александар разговарале единствено за децата, го опиша како импулсивен човек кој знаел да се скара со девојките. Сепак на денот кога Вања исчезнала, тој бил друг човек, смирен, тажен, потиштен, повлечен, и во ниту еден момент не ја обвинил за исчезнувањето, ниту ја запрашал дали претходно се скарале со Вања. „Како да сакаше да не верува во она што го зборува“ – така си го објаснувала Зорица однесувањето на Александар. Според нејзиното сведочењето, Сашко, како што знаеше неколкупати да го нарече, бил задолжен за проверување на снимките од безбедносните камери кои им ги дале локалните објекти. А во потрагата по девојчето помогнале сите, најблискиот хотел, бурекчилницата, менувачницата. Ништо немало на снимките освен една ситуација за која Зорица рече дека била теорија на нејзиниот поранешен сопруг, односно на снимката се гледало како еден човек го извидува теренот пред нивната зграда во Дебар Маало, во време кога нејзините ќерки секое утро заминувале на училиште, по што мажот влегол во возило со затемнети стакла. Освен снимки од камерите, таа и Александар го барале девојчето на многу локации, од првичната на улицата „Партизанска“, каде што ѝ се губи трагата, па сè до Блаце и Арачиново. Барале сите, роднини, колеги на Зорица од мобилниот оператор каде што работи, полицијата. Еден од полицајците дури и го пребарал сутеренот во зградата, но не пронашол ништо сомнително. „Телефонот ми ѕвонеше на секои две минути, имаше и лажни дојави како ја виделе Вања во автобус, но од неа немаше ниту трага, ниту глас. Луѓето печатеа постери, цел Буњаковец (трговскиот центар) беше облепен со нејзиниот лик“ – се сеќаваше на тешките моменти мајката, но емотивно не се сруши пред јавноста.

Зорица: Вања, Вања, ми го нема детето!

Вања, која вообичаено одела во училиште со нејзината помала сестра Миња, тоа декемвриско студено утро, заминала сама во 7:20 часот, бидејќи помалата го губела првиот класен час. Половина час по неа за на работа излегла и Зорица Ѓорчевска. Дека Вања ќе оди сама на училиште знаел нејзиниот татко Александар. „Како родител тој се интересираше за децата –  Зорица ја посочи пораката која тој ѝ ја испратил на Вања претходната вечер, утре изутрина да се облече потопло со дуксер. Класната на девојчето, кое не се појавило на првиот час, алармирала кај мајката 15 минути пред 8 часот, по што Зорица веднаш му се јавила на Александар – „Ни го нема детето – му реков, по што тој  дојде невообичаено брзо, што не личи на него“, изјави таа. Ја баравме со неговиот автомобил, видов на локаторот на телефонот дека последен пат се движела на улицата „Партизанска“, кај локалот „Фитнес хаус“. Ја немаше, влегов во една напуштена куќа во близина и го повикував името на мојата ќерка Вања, Вања!“ – се сеќаваше Зорица.

Претходно се јавила во полиција, а по сугестија на колегите објавила на социјалната мрежа Фејсбук. По кусо време нејзината помала сестра на часот по физичко забележала дека ја нема Вања бидејќи часот им се совпаѓал, а салата ја делеле заедно. Детето дошло во плач, ја барала сестра си, уплашено пред полицијата рекло дека не знае ништо за евентуален план за бегство на нејзината сестра. Безнадежно чекала Вања да ѝ напише порака на мобилниот телефон.

Не гледам телевизија, седам во четири ѕида само да ја заштитам помалата ќерка Миња од шпекулации, рече Зорица во судницата. Болно било исчекувањето на мајката за каква било информација за нејзината ќерка, нема да го заборави тој 3 декември, кога во два часот ѝ се јавила полицијата да и го соопшти најлошото -дека Вања е пронајдена закопана во дупка, мртва, убиена со пиштол. Препознавањето на мртвото девојче го направила мајката, а таткото веднаш бил однесен во друга просторија од полицијата, по што Зорица повеќе не го видела во живо сè до денешното сведочење во големата судница во кривичниот суд. Рече дека од медиумите дознала оти тој е обвинет за киднапирање на нивната ќерка.

Не го познавам Палевски лично, го знам како лик од градот  

Зорица Ѓорчевска на прашање на обвинителството, под заклетва пред судот, одговори дека во моментов поседува два стана, еден продала за 83 илјади евра, од кои ѝ останале околу 30 илјади, а со останатите ги подмирила долговите што ги имала по банките. Станот од кој Вања беше киднапирана, со вреќа на главата и ставена во возило, бил во сопственост на нејзиниот поранешен сопруг Александар со постапка да го префрли на неговите две ќерки. Таму живееле само два месеца, претходно станот го издавале, а парите оделе на сметка на сопругот, бидејќи често останувал без работа.

Иако цело време внимателно ја следеше што зборува, Палевски не стана ѝ постави прашање на Ѓорчевска на вкрстеното испрашување. Место него прашуваше неговиот адвокат. Таа рече дека лично не го познавала Палевски, туку знаеле за него дека постои како лик од градот. Пред судот кажа и дека немала сознанија дали Александар се познава или е во комуникација со обвинетиот егзекутор на нејзината ќерка. „Станот што мојот татко го купи од фирмата „УПА Ентерпрајз“, во сопственост на Палевски, е целосно платен и за тоа постојат фактури кои се приложени како докази на обвинителството“ – изјави Ѓорчевска.

Ќерката на Панче Жежовски го препозна во судницата Велибор Манев, имал спор со нејзиниот татко

Во судницата сведочеа ќерката и зетот на фризерот Панче Жежовски, Ана и Тодор Киркови. Велешанецот Панче, според обвинителниот акт, е првата жртва на групата на Палчо, чиј автомобил обвинетите го искористиле за киднапирање на 14-годишната Вања. Ќерката на Панче во судницата го препозна единствено Велибор Манев, кој според неа во 2007 година работел на фасадата на куќата од нејзиниот татко. „Имаше спор со татко ми, го тужеше бидејќи не беше задоволен од неговата работа, го измамил така знам, си ги зел бекатонските плочи и си заминал, затоа татко ми тераше спор по институции, таков беше правичен човек“, сведочеше Ана Киркова.

Рече дека Панче живеел сам во куќата која се наоѓа надвор од Велес, бил независен и не сакал да ги вознемирува ќерките со неговите проблеми. Поради неговиот начин на живот, првично не им било чудно што не се јавувал неколку дена, сè до моментот кога сосетката на Панче алармирала дека не може да го добие на телефон. Сомнително за ќерката било што кога дошле во куќата светела светилката во една од собите, а греалката била оставена да грее. „Тој стар автомобил (ситроен), кој не знам зошто го купи, со толку голем гепек, го немаше во дворот“, рече Киркова. Таа не била да го препознае мртвото тело на нејзиниот татко, тоа го сторил сопругот, зетот на Панче, кој кажа дека имал дупка во устата и закрвавени очи.

Судењето продолжува утре со изведување на вербални и материјални докази. Мотивот кој го докажува обвинителството е киднапирање од користољубие, иако девојчето било убиено веднаш по грабнувањето и закопано во веќе ископана дупка, кај местото викано Бразда, близу Скопје. Првообвинет е Љупчо Палевски,а негови соизвршители за двете свирепи убиства се и Влатко Кешишов,Боре Видевски и Велибор Манев. Таткото на Вања, Александар, е обвинет за помагање при киднапирање на неговата ќерка.

(П.А)