Министерот за здравство Арбен Таравари најавува сериозни чекори во здравствениот систем, меѓу кои е и  застанување на патот на злоупотребата на лековите, бидејќи јавна тајна е дека некои луѓе ги земаат лековите со упат од матичен доктор, ги носат во приватните аптеки и ги продаваат. -Онкологија е еден пример што го фатиме, но онкологија има можеби и во повеќе болници и клиники -реагира Таравари

 

Со цел да се избегнат манипулации со препишувањето лекови и користењето медицински услуги и да не се повторуваат ситуации како со Клиниката за онкологија, министерот за здравство Арбен Таравари  најави дигитализација, а можно е и кодирање на сите лекови кои ќе доаѓаат во Македонија, но за тоа како што рече треба време да се консултирам со ИТ-инженерите и со лица кои се разбираат во ова проблематика.

– Зборувам за дигитализација, можеби и за кодирање на сите лекови што ќе доаѓаат во Македонија. Меѓутоа дајте ми време да се консултирам и со ИТ-инженери и со луѓе кои се разбираат, ова има во држави каде што добрата дигитализација направила револуција и огромни заштеди во здравството. Ние се повикуваме нонстоп на борба против корупција и криминалот. Ќе инсистирам што поскоро да започнеме  и во Македонија, оти јавна тајна е дека некои луѓе ги земаат лековите со упат од матичен доктор ги носат во приватните аптеки и ги продаваат. Онкологија е еден пример што го фативме, но онкологија има можеби и во повеќе болници и клиники. Меѓутоа, не сакам да имам предрасуди, сакам да поставиме стандарди за да спречуваме секаква злоупотреба. Ако еднаш пациентот се снимал со магнетна не смее по вторпат за шест месеци повторно да се направи, освен во одредени случаи кај што е неопходно, рече Таравари.

Што се однесува за Клиничката болница во Тетово, каде што подрумските простории од невремето беа поплавени и вода навлезе и во простории на Ургентното одделение, министерот кажа дека за среќа немало оштетувања на поскапите апарати, но рече дека и за овде ќе се бара решение за да не се повторат вакви проблеми.

–Планираме четири клинички центри да функционираат во државата, еден од нив можеби и најбитна е тетовската клиничка болница. Јас добивам информации дека овде релативно добро е опремена со апарати, меѓутоа недостигаат човечки ресурси. Тие што се со договор, а имаме информации дека има огромен број на луѓе, вработени медицински работници коишто се со договор што поскоро треба да им се дадат решенија и да се вработат дополнително и да се планира долгорочно тие специјализации коишто се дефицитарни да ги планираме и како министерство и како медицински факултет заедно за да во следните години не се случува одредени одделенија да не функционира, објасни Таравари.

Доктор Стојковски нов директор на Онкологија

Министерот за здравство Арбен Таравари го назначи д-р Игор Стојковски за нов директор на Клиниката за онкологија на место на досегашната в.д. директорка Виолета Клисаровска. Доктор Стојковски е шеф на отсек на Одделението за малигни тумори на ЦНС, коскени тумор и кожа на Клиниката за онкологија. На оваа функција е од 2013 година, а претходно работел како шеф на отсек на Одделението за малигни тумори на главата и на вратот.

Од 1997 до 1998 година работи како лекар – волонтер на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија во Скопје, а од 2000 до 2004 година како лекар на специјализација на оваа Клиника. Од 2018 до 2023 година бил доцент на Катедрата за онкологија со радиотерапија при Медицинскиот факултет во Скопје ,а од 2023 година е вонреден професор на овој факултет.

Новиот министер од првиот ден од неговиот мандат се зафати со крупни решенија. Со негов амин нови медицински директори добија и други скопски клиники. Доктор Андон Чибишев е нов директор на Клиниката за токсикологија, а екс-министерот за здравство д-р Фатмир Меџити е директор на Неврологија. Неделава на скопските клиники сменети беа уште десетина економски директори.

Поплавени две хируршки сали во ГОБ „8 Септември“, пациентите префрлени на другите катови

Невремето предизвика проблеми и во ГОБ „8 Септември”. Две хируршки сали на третиот кат во болницата се поплавени, а пациентите се префрлени на други оддели. На социјалните мрежи граѓаните реагира дека нивни блиски не можеле да ги реализираат оперативните зафати.

Како што дознаваме  во меѓувреме проблемот е надминат, а болницата е во целосна функција. Според информациите од стручната служба од ГОБ „8 Септември“, пациентите што треба да бидат оперирани веќе се префрлени во опремени сали на другите катови и ќе ја добијат потребната медицинска нега.

(В.Ма.)