На неодамнешното соочување во Лондон, украинскиот боксер Александар Усик не се впушти во вербален спаринг со Британецот Тајсон Фјури, кој го опсипуваше со недолични зборови, постојано повторувајќи: „Усик колбас“. Многу очекуваната борба за титулата во тешка категорија меѓу Усик и Фјури е потврдена за 17-ти февруари наредната година во Саудиска Арабија.
За време на прес-конференцијата „Кралот на Циганите“ го нарече својот противник од Украина „грдо човече“ и „колбас“, а тој продолжи на ист начин и за време на соочувањето, обидувајќи се да го вовлече Усик во неговите психолошки игри.
Украинскиот боксер со насмевка ги слушаше дофрлувањата на Фјури, а подоцна во интервју за Скај спорт потврди дека тоа го очекува од Тајсон и дека тоа не му пречи.
„Веќе му влегов во главата. Танцувам и пеам во главата на Фјури“, изјави Александар Усик, кој тврди дека воопшто не размислува за следниот противник:
„Зошто? Затоа што ме чека исклучително тежок камп. Не мислам на борбата, на спарингот низ кој треба да поминам ми е важен. Пливање, трчање и сите други работи низ кои треба да поминам на тренинг кампот. Не размислувам за Тајсон Фјури. Единствено ми паѓа на памет кога ќе го видам овде како шета по ходниците“.