Танаскоски: Царинската управа од наредната година почнува со проектот едношалтерски систем

97

Директорот на Царинската Управа на Република Северна Македонија Ѓоко Танаскоски денеска беше во посета на неколку штипски компании и на средба со градоначалникот на Општина Штип, Благој Бочварски.

Танаскоски истакна дека целта им е да се запознае бизнис секторот со новите мерки, но и воведувањето на едношалтерскиот систем.

Реализацијата на овој значаен проект за државата, но и за македонските компании ќе стартува од наредната година, а целиот проект ќе се финансира преку кредит од Светска банка. Смета дека со воведувањето на овој едношалтерски дигитален систем компаниите нема да чекаат со часови, па и денови за одредена документација, а директниот контакт со цариниците или службите ќе биде избегнат. Дека дигитализацијата на оваа институција е еден од начините и за борбата против корупцијата.

Заедно со управникот на регионалната царинарница во Штип посетивме неколку компании за да се запознаеме со нивните процеси и да ги запознаеме со сите оние поволности коишто ги нуди Царинската управа и за коишто се залага Владата на Република Северна Македонија. Зборувавме за самата дигитализација и воведувањето на новиот систем на Царинската управа како и овозможувањето на новите мерки како овластен економски оператор кои верувам за компаниите коишто се во Штип и во самата околина ќе биде многу добра мерка, вели Танаскоски.

Градоначалникот на Општина Штип, Бочварски истакна дека со Танаскоски разговарале и за идните планови за развој на општината, но и за проектите, кои се поврзани со стопанскиот сектор.

Разговаравме за повеќе теми и проблеми коишто ги тангира оваа управа и важно е дека е извршено посета во неколку штипски компании за да разговара со сопствениците за тоа кои се нивните потреби и можностите за олеснување на процедурите, се она што му е потребно за да му олесниме на нашиот бизнис сектор да функционира подобро, вели Бочварски.