ТАВ инсталираше нов врвен уред за скенирање за системот за ракување со багаж на скопскиот аеродром  

92

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, ја заврши надградбата на системот за ракување со багаж и инсталацијата на нов уред за скенирање багаж на скопскиот аеродром, што претставува уште една капитална инвестиција во вредност од 2,4 милиони евра. Отсега, патниците може да пристигнуваат на аеродромот како и претходно, 2 часа пред нивниот лет.

Процесот на надградба на системот за ракување со багаж на Меѓународниот Аеродром Скопје и инсталацијата на новиот уред за скенирање почна на 9-ти октомври, а заврши на 28-ми ноември.

Целиот проект е завршен за помалку од 2 месеца, а во тој период активностите опфатија демонтирање на рендген уредот „Стандард 2“, инсталирање нов, уред за скенирање „Стандард 3“ и опрема и тестирање на најнова технологија пред пуштањето во употреба.

„ТАВ како водечки аеродромски оператор, со задоволство го објавува завршувањето на големиот проект и значајната инвестиција во надградбата на системот за ракување со багаж на Меѓународниот Аеродром Скопје. Оваа голема инвестиција од 2,4 милиони евра на скопскиот аеродром и самиот проект за надградба на системот за ракување со багаж ќе резултира со оптимизација на внатрешните аеродромски операции и значително ќе придонесе за подобрување на целокупното патничко искуство за нашите патници. Со најновата технологија за безбедносна проверка, компјутерска томографија, капацитетот за проверка на багажот сега е зголемен за 30%, или 1800 парчиња багаж на час. Новата, врвна технологија на системот за ракување со багаж, напредното следење на багажот, зголемениот капацитет и намаленото време на обработка, се дел од нашата визија за иднината на воздушниот сообраќај и ја докажуваат нашата посветеност да обезбедиме беспрекорно патничко искуство, оперативна ефикасност и патничко задоволство. Затоа, скопскиот аеродром сега е подготвен да ги редефинира стандардите за ракување со багажот во регионот. Уверени сме дека ваквите подобрувања и обезбедувањето неспоредлива услуга за нашите патници и авиокомпании дополнително ќе ја зајакнат позицијата на скопскиот аеродром во регионот.“ – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Сега патниците кои патуваат од скопскиот аеродром за да ги завршат сите аеродромски процедури, може да пристигнуваат на аеродромот 2 часа пред летот.

Системот за ракување со багаж на скопскиот аеродром претходно работеше со „Стандард 2“ опрема за рендген проверка на багаж или конвенционална технологија, а сега, со оваа значителна инвестиција за која беше потребно редизајнирање и повторно конфигурирање, системот за ракување со багаж беше надграден со помоќна, технологија – компјутерска томографија (КТ) или „Стандард 3“, што е највисок стандард на Европската конференција за цивилно воздухопловство (European Civil Aviation Conference – ECAC).

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, исто така додаде дека инвестицијата на ТАВ во „Стандард 3“ технологијата за безбедносен преглед на регистрираниот багаж е уште една капитална инвестиција на аеродромскиот оператор, по реновирањето на пистата на аеродромот во Скопје во 2022 година. Меѓународниот Аеродром Скопје сега управува со систем за ракување со багаж надграден со софистициран и најквалитетен уред за скенирање, произведен од реномиран бренд и е единствен од ваков вид во поширокиот регион.

ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, ги заврши првите 10 месеци од 2023 година со 30% пораст на патничкиот сообраќај, достигнувајќи вкупно 2,6 милиони (2.647.816) патници на двата македонски аеродроми во Скопје и во Охрид, додека бројот на летови во истиот период изнесува 19.935 со годишен пораст од 20%.