Сузана Спасовска – Иако сме како Македонци сардисани од сите страни, нашите песни се со јасна порака: да се зачува родното огниште! „Народе македонски” во нов, модерен аранжман

209

„Народе македонски“ со аранжманското видување на Николче Мицевски се доближува до младата популација, која во последно време со полно срце ги прифаќа старите македонски песни и ги пее во сите прилики. Поради тоа сум особено радосна! 

 „Народе македонски” е една од оние песни кои во себе носат моќна порака, но и голема вистина за трагичното минато на секогаш храбриот, но мирен и питом македонски народ.

Песната е создадена во спомен на масакрите во 1903 и 1905 година, во костурското село Загоричани. Тој стравичен колеж над Македонците староседелци, бил од страната на тогашните освојувачи Турците и Грците. Убиени биле повеќе од 200 загоричанци, а селото било целосно уништено.

Верзијата што во рамките на проектот „Македонијо во срце те носиме“ ја среди во модерна верзија маестро Николче Мицевски, а врвно ја отпеа Сузe-Национале, е всушност правена според снимката во изведба на легендарниот Симеон Гугуловски.

-„Песната „Народе македонски“ во досегашните изведби можеа да се најде во две верзии. Оваа верзија е обновена според снимката на Симеон Гугуловски, која познатиот македонски тенор, првенец на Македонската опера ја пееше во 80-тите години.   Ја одбравме со екипата бидејќи песната има голема порака за нашиот народ, кој е за голема жал сардисан од сите страни. Дава максимален поттик за будење и осознавање во едно време – невреме и желба со сите сили и преку песната, да се зачува родното огниште, македонскиот извор.

Песната е со многу јасна порака. Вели дека слободата на човекот и правдината што ја бара Македонецот и ден-денес, сето она што е поважно од сите пари и богатства на овој свет. „Народе македонски“, со аранжманското видување се доближува до младата популација, која во последно време со полно срце ги прифаќа старите македонски песни и ги пее во сите прилики. Поради тоа сум особено радосна.

Мене лично ми е големо задоволството што сум дел од овој патриотски проект, кој е  исполнет со преубави песни со патриотска тематика. Секоја од тие песни го разбудува тоа македонското, кое постои кај секој од нас. Ние сме мирен балкански народ, чијашто добрина ја користат сите, но не знаејќи го најважното:  со пиреј тешко се излегува на крај“, вели гордо Спасовска.

Видеото за „Народе македонски“, во изведба на Сузана Спасовска, е со потписот на „Скендеровски-продукција“, која наредниот месец и во живо, во рамките на карванот, ќе ги промовира сите 12 патриотски песни во голем број македонски градови.  Д.М.