Според денес објавената одлука на хрватскиот Уставен суд, во оваа држава во иднина и истополовите двојки ќе можат да посвојуваат деца.

Оваа одлука судот ја донесе разгледувајќи ги предлозите за оцена на уставноста на три члена од Законот за посвојување, за кои неколку партии, здруженија и поединци тврдеа дека со нив се дискриминираат партнерите од ист пол.

Уставниот суд не ги укина овие три члена но истакна дека судовите и другите надлежни тела кои решаваат поединечни случаи и непосредно одлучуваат за правата и обврските на граѓаните се должни да ги толкуваат и применуваат законите согласно нивната смисла и легитимна цел, а одлуките да ги донесуваат врз основа на Уставот, законот, меѓународните договори и други правни извори.

Во конкретниот случај ова значи дека истополовите двојки при барање на посвојување треба да имаат ист третман како и другите двојки кои се во формално или неформално партнерство.