Судот одлучи: Британецот кој ѝ помогна на сопругата да си го одземе животот, сепак, ќе има право на заедничкиот имот

71

На Британецот Филип Морис, кој и помогна на својата болна сопруга да отпатува во Швајцарија поради евтаназија, му беше дозволено да наследи дел од семејниот имот, пресуди Високиот суд во Лондон, откако првично му беше забрането наследство затоа што ѝ помогна на сопругата да си го одземе животот.

Судијата Вилијам Тровер од Високиот суд во Лондон пресуди дека правилото против наследување поради потпомогнато самоубиство не треба да се применува во случајот на Морис, објави Ројтерс.

Тровер во пресудата навел дека Морис се обидел да ја убеди сопругата да не стави крај на својот живот и дека тој „неволно ѝ помогнал“.

Мајра Морис почина минатиот декември на 73-годишна возраст, откако си даде предозирање со пентобарбитал во клиниката Пегасос во Листал, Швајцарија.

Морис боледувала од системска атрофија, ретко и дегенеративно невролошко пореметување за кое нема лек и кое ја оставало во постојани болки.

Луѓето кои ги придружуваат роднините кои се одлучуваат за евтаназија на места како Швајцарија може да бидат кривично гонети во Британија за помагање во самоубиство, што предвидува казна затвор до 14 години.