Судбини: 80-годишниот шведски музичар Бјорн од некогашната АББА се ожени, тапанарот Палм почина 

6974

80-годишниот Бјорн Улвеус од легендарната шведска група АББА, со годините за почит, минатиот викенд се ожени по трет пат. Трета среќа, кога најмалку се надеваше дека ќе си ја најде својата вистинска љубов. Но, никогаш не е доцна. Свадбата се одржа во саботата во Копенхаген, во присуство на блиски пријатели и семејството.

Звучи неверојатно, но вистинито.  Бјорн се ожени со својата партнерка Кристина Сас на церемонијата која ја водеше комичарката и водителката Санди Токсвиг.

Шведскиот музичар и автор на многу хитови, има два неуспешни брака, а со Кристина се запознал во Нирнберг, Германија во 2021 година кога беше објавен последниот албум на славната АББА. Улвеус е најпознат како дел од четворката на АББА, бендот кој оваа година слави 50 славни години од триумфалната победа на Песна на Евровизија со песната „Waterloo“.

АББА се состоеше од две брачни двојки: русокосата Агнета Фалцки и Бјорн Улвеус, и Бени Андерсон и црвенокосата Ани-Фрид Лингстад. Шведскиот музичар се ожени со Агнета Фалцки во 1971 година. Двојката има две деца, сега веќе возрасни со своите сеемјства: Линда и Питер.

А, дека животот е навистина непредвидлив, дека ништо не треба да се планира, кажува и трагедијата со која соочи семејството на некогашниот тапанар на АББА, Роџер Палм. Тој почина во сабота токму тогаш кога Бјорн се женеше. Палм почина од Алцхајмерова болест.