Сувомесните производи ќе се зголемат за 30 отсто ако Владата не ја продолжи мерката за ослободување од царина на замрзнато свинско месо која истече на 6 јуни. Компаниите од месната индустрија се заканија со намалување на бројот на вработени од 30 до 40, а на подолг рок зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети. Од Групацијата за месопреработувачи и месни индустрии при Стопанската комора бараат итна средба со вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи за да ги образложат барањата за продолжување на интервентната мерка за ослободување на 50 отсто од царината за увезени суровини за најмалку 6 месеци.
Како што истакна претседателот на Групацијата, Гоце Трајчев, во изминатиот период од четири години додека трае мерката се покажа дека месната индустрија не го наруши развојот на домашното фармерско производство, го намали увозот на готови производи и започна со извоз, го зголеми обемот на работење, бројот на вработени и висината на личните доходи во гранката.
-Мерката не направи позначајни фискални импликации кон државата, годишно преку редовна уплата на придонесите од вработување оваа индустрија придонесува директно со повеќе од 4,5 милиони евра во Буџетот. Со важечките царински давачки оваа индустрија е ставена во нерамноправна положба со странските производители, пред сè оние од соседството, но и од ЕУ. Готовите производи од надвор влегуваат во земјата со 0 отсто царина, а домашните преработувачи при увоз на суровина плаќаат царина во висина од 20 до 35 отсто, вели Трајчев.
Тој уште еднаш апелира до надлежните институции да ја продолжат мерката за да не дојде до затворање на домашните капацитети или евентуално селење на производството во соседството. Ако не се донесе мерката, како што рече трошоците за производство ќе се зголемат до 25 отсто, цените на сувомесните производи за 30 отсто, продажбата ќе се намали за 50 отсто, а бројот на вработени од 30 до 40 отсто.
-Ние бараме изедначени услови на стопанисување со земјите во соседството каде што како во Босна и Херцеговина и Црна Гора каде што не се плаќа царина или во Србија каде што стапките се многу ниски и изнесуваат од 6 до 9 отсто. Ние плаќаме од 19 до 30 отсто царина и поради тоа нашите производи не се конкурентни на домашниот пазар. Никаде во Европа сувомесните производи не се поевтини од свинското месо, вели Трајчев.
Анализата на Стопанската комора покажа дека врз производството на свинско месо и негови преработки силно влијание имаат последиците од африканската свинска чума и пандемијата што доведе до раст на цените на светските берзи на свинското месо, затворањето на кланиците, рестораните и услугите за храна и предизвика негативно влијание во синџирот на снабдување.
– Домашните компании, покрај со зголемени цени на суровини и репроматеријали на светските берзи, се соочуваат со неизвесност и постојани промени на пазарот, раст на цена на енергенси и електрична енергија за 100 отсто, раст на трошоци за транспорт и складирање… На домашниот пазар влегува готов производ со 0 отсто царина, а замрзнатото свинско месо како суровина и натаму подлежи на царински давачки. Поскапувањето на суровините ќе доведе до поскапување на цената на чинење на нашите производи. Покрај тоа што домашните компании се обидуваат да бидат конкурентни на домашниот пазар, дури и по цена на намалена маржа за да се одржи цената на производите кога ќе се помине прагот на исплатливост неминовно е да се зголемуваат цените на производите, истакна Васко Ристовски од Стопанската комора.
(А.С.)