Субвенциите за една крава во Словенија се 2.000 евра, а кај нас само 2.500 денари

Македонското земјоделство заостанува зад европското, но и зад она во земјите од регионот. Причина за тоа, според земјоделските експерти, се ниските субвенции во однос на европските земји и на земјите во регионот и во однос на високите трошоци во земјоделството. – Ние сме далеку зад европското земјоделство, затоа што субвенциите се многу мали во однос на обемното производство во државата и не може да придонесат за развој на земјоделството. Така, на пример, Македонија исплаќа 140 милиони евра субвенции годишно, а Словенија – 600 милиони евра. Субвенциите само за една крава изнесуваат 2.000 евра, затоа Словенија има развиени земјоделство и сточарство и селата се многу развиени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа

1436

Македонското земјоделство многу заостанува зад европското. Во последниот извештај, Европската комисија укажува дека во земјава нема напредок во повеќе сегменти во земјоделството. Задоцнета исплата на парите од ИПАРД- програмата, недоволно податоци за идентификација и за регистрација на животните, нецелосна евиденција за тоа кој што и колку произведува… се дел од забелешките. Земјоделските експерти се согласуваат дека македонското земјоделство заостанува зад европското, но и зад она во земјите од регионот. Проблем е што финансиската поддршка за земјоделството е многу мала, односно субвенциите што ги дава државата се многу пониски во однос на земјите во регионот. Така, на пример, субвенциите за една крава во Словенија се 2.000 евра, а кај нас само 2.500 денари.

– Ние сме далеку зад европското земјоделство, затоа што субвенциите се многу мали во однос на обемното производство во државата и не може да придонесат за развој на земјоделството. Така, на пример, Македонија исплаќа 140 милиони евра субвенции годишно, а Словенија – 600 милиони евра. Субвенциите само за една крава изнесуваат 2.000 евра, затоа Словенија има развиени земјоделство и сточарство и селата се многу развиени. Субвенциите што се исплаќаат се повеќе популистички отколку развојни. Не се даваат во оние сектори и гранки што може да продуцираат најдобри резултати и најбрз развој. Во услови на драстичен дефицит на храна, ние одвојуваме субвенции за споредни култури што немаат никаква врска со производството на храна – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

Тој додава дека земјоделците не се социјална категорија, тие не бараат да живеат од субвенции, туку тие им се потребни за да им дадат ветер во грб и за да ги поттикнат земјоделското производството и развојот на аграрот.

– Голем дел од субвенциите се потрошија предвреме. Од планираните 140 милиони евра за годинава, 55 милиони отидоа за исплата на задоцнетите субвенции, 30 милиони евра за тутунарите и останаа уште 60 милиони евра за сите други стопански гранки, што е многу малку и затоа ние сме таму каде што сме – додава Каракашев.

Според него, државата нема стратегија за тоа на кој сектор да му се даде приоритет и кои култури би биле најдоходовни и најпродуктивни во оваа криза со храна. Ние заостануваме и во искористеноста на средствата од ИПАРД- програмата, во однос на земјите од регионот, особено во однос на Хрватска, која има развиено успешен модел за искористување на овие средства.

– Ние само се фалиме дека сме пример на Балканот за искористување на средствата од ИПАРД-програмите, а реалноста е сосема поинаква – додава претседателот на Националната земјоделска мрежа.

Митко Јанков, претседател на „Агроцентар“, вели дека не треба да одиме подалеку во Европа, да ја земеме Србија, која има двојно повисоки субвенции отколку кај нас и многу поразвиени земјоделско производство и сточарство.

– Освен што се мали субвенциите за сточарство, државата веќе не дава субвенции за оставено женско јагне, само за грло овци, кои се минимални и изнесуваат 2.000 денари, и за предадено женско јагне во кланичен капацитет, кои изнесуваат 400 денари. Субвенциите се мали, а давачките во сточарството се големи и затоа од година на година ни се намалува сточниот фонд во државата – вели Јанков за ВЕЧЕР.

Европската комисија нотира и дека земјава нема напредок во однос на интероперабилноста со системите за идентификација и за регистрација на животните за обезбедување поквалитетни податоци.

– Агенцијата за храна и ветеринарство треба да направи сточен попис и да се види колку овци, колку крави има. Потоа државата, доколку сака да го унапреди сточарството, да одреди каде и колку субвенции се потребни. Државата треба да дава грантови за млади сточари за да ги задржи младите во државата и за да го развие сточарството – смета Јанков.

ЕК забележува дека изготвувањето на новиот закон за земјоделство и рурален развој е одложено и препорачува земјава да ја усогласи својата политика за земјоделска поддршка со онаа на ЕУ. Потребни се дополнителни ресурси за проширување на мрежата за сметководствени податоци од фарма, донесување  законодавство за заедничката организација на пазарот и дефинирање на институционалните мандати.

Комисијата препорачува да се обрне внимание на институционалниот капацитет на Платежната агенција и особено на намалувањето на бројот на задоцнетите исплати на апликантите за ИПАРД-програмите.

Треба да се подобрат активностите за подобрување на следењето и контролата на сертификацијата и следливоста на органските производи. Треба да се направат и напори за натамошно развивање на секторот, со што дополнително се користи поддршката достапна во рамките на ИПАРД 3, наведува ЕК во извештајот.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ