Студентските домови одат на поправен, oд втората половина на годинава МОН најави етапна реконструкција

104

Етапната реконструкција на сите девет државни студентски домови ќе започне во втората половина на годинава, најавија од Министерството за образование и наука. Како што посочуваат од МОН, во првата фаза која ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи, целосно ќе се реконструираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски- Питу“. Студентите, во своите јавни настапи постојано се жалат за лошите услови во студентските домови. Последниот револт, организирани преку Студентски отпор, го изразија во март, кога го поддржаа протестот на средношколците пред МОН

Етапната реконструкција на сите девет државни студентски домови ќе започне во втората половина на годинава, најавија од Министерството за образование и наука.

Како што посочуваат  од МОН, во првата фаза која ќе се заокружи за 18 месеци од почетокот на градежните работи, целосно ќе се реконструираат студентските домови „Стив Наумов“ и „Кузман Јосифовски- Питу“.

„Економските оператори кои се одбрани во постапката за претквалификација, а согласно со правилата на KFW развојната банка, која заедно со Европската Унија е финансиер на овој капитален проект, веќе доставуваат финансиски понуди и по избор на најекономичната, ќе се склучи договор за изведба на работите“, велат од МОН.

Оттаму потсетуваат и дека Владата, односно Министерството за образование и наука склучило договор за обезбедување средства во износ од 25 милиони евра за реконструкција на сите девет државни студентски домови во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и во Охрид.

„Дваесет милиони се заем од KFW развојната банка, додека 5 милиони евра се грант преку Програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан (REEP+) на Европската Унија. Реконструкцијата, која подразбира замена на сите позиции во домовите – електрични и водоводни инсталации, фасади, топлотни системи, врати, прозорци, молерисување, опремување и така натаму, ќе се одвива во три фази“, додаваат од МОН.

Во втората фаза, пак, според Министерството, е предвидена реконструкција на студентските домови „Томе Стефановски-Сениќ“, „Никола Карев“ во Охрид, „Браќа Миладиновци“ во Штип, „Народен херој Орде Чопела“ во Прилеп, кои е предвидено да бидат NZEB (Near zero energy building), а во третата фаза – реконструкција на мензата на студентскиот дом „Гоце Делчев“ и на студентските домови „Кочо Рацин„ – Битола и „Пелагонија“. Почетокот на градежните работи, како што велат, е предвиден за првата половина од 2024 година.

Како што е познато, студентите во своите јавни настапи постојано се жалат за лошите услови во студентските домови.

Последниот револт, организирани преку Студентски отпор, го изразија во март, кога го поддржаа протестот на средношколците пред МОН.

Студентите тогаш излегоа со транспарентите „Студентски стандард, студентска мизерија“, „Каде се реновираните студентски домови?“, „Хациендите ваши за студентските домови наши“, како и „Пак ли ни го јадете оброкот?“.

Теодора Наумовска изјави дека им се придружуваат на матурантите зашто сметаат дека заедно можат да пратат погласна порака за своите барања.

„Потсетуваме дека целта на овој протест е немањето слух на Владата за нашите проблеми. Излажани сме за подобрување на условите во студентските домови и нема ништо од реновирањето, условите и натаму се катастрофални. Бараме итно решение за овие проблеми и затоа денес го искажуваме нашиот револт на протест пред Министерството за образование и наука“, рече Наумовска на протестот во март. (Н.И.Т.)