СТУДЕНТИТЕ ЗА ХАОСОТ ВО “СТИВ НАУМОВ”: Силен татнеж не разбуди од сон – се струполи плафонот над нас

170

 Во два тоалети во студентската машка зграда во домот “Стив Наумов” завчера се срушиле плафоните. Од раководството на Државниот студентски дом се вели дека итно се санирани штетите кои се направени како последици од неквалитетна изработка направена за време на претходното раководство. Вознемирени од целата случка се студентите кои, за среќа, не биле во тоалетите кога се случил инцидентот.

“Се се случи ненадејно на петти март во 2:30 вечерта додека спиевме во студентскиот дом “Стив Наумов” во првата машка зграда во Автокоманда. Тројца бевме, силен звук не разбуди од сон и одма се собраа студентите од под нас каде што им прокапе од искинатите црева, комшиите и портирот. Ни на крај памет не помисливме дека е плафонот, собатата ни е на втори кат, а плафонот падна во вецето што е дел од собата. Не сакаме ни да помислиме што ќе се случело ако некој од нас беше таму кога паднал плафонот. Ние спиевме и дури се освестивме имаше дваесет луѓе пред врата, отворивме и кога видовме плафон на земја и одма ги исклучивме вентилите да се запре водата”, раскажуваат студентите што се сместени во собата каде што завчераноќ се случи инцидентот.

Реакцијата на раководството била брза и како што посочуваат студентите уште утрото дошле мајстори да ја санираат штетата.
“Мајсторите ја собраа трската и уништените работи внатре и рекоа дека до денес ќе биде се санирано. Но и тоа колку долго ќе трае не знаеме затоа што сите сме свесни од гипс и трска не може тоалетот да опстои. Тоа кондензира и се распаѓа, потенцираат студентите.

Студентите велат дека ова не е прв пат да падне плафонот во купатилата. На тоалетите нема прозорци, а вентилацијата не работи. Има дупка каде што треба да биде поставен вентилатор, но студентите тврдат дека тие долги години не работат.
Од раководството на Државниот студентски дом велат дека се санираат паднатите плафони во студентскиот дом „Стив Наумов“.

фотографиите до редакција ВЕЧЕР ги испратија студентите од Стив Наумов

-Државниот студентски дом изразува жалење за паѓањето на таваните во двата тоалети во Студентскиот дом „Стив Наумов“ вчеравечер, што предизвика дополнителна материјална штета на санитарната опрема во тоалетите. Во инцидентот немаше повредени, вели директорот Дарио Николовски.
Тој посочи дека вработените од Студентскиот дом веднаш интервенирале и им понудиле сместување на студентите чии соби се оштетени и е заменета оштетената санитарија.

-Од утрово ангажирани екипи веќе работат на санација на плафоните во двата тоалета и во текот на денот истите ќе бидат санирани и ставени во функција. Паднатиот плафон во студентскиот дом „Стив Наумов“ е последица од неквалитетната реконструкција на тоалетите во домот, што е уште еден од низата проблеми кои ги остави претходното раководство. Новото раководство на Државниот студентски дом ќе ја разгледа документацијата за извршената преадаптација на тоалетите во студентскиот дом „Стив Наумов“ односно ќе разгледа кој ја одобрил и на што се должи нискиот квалитет со кој е изведена, вели директорот.

Инаку, со помош на Германската влада, Државниот студентски дом веќе најави реконструкција на сите студентски домови по приоритетна листа. За оваа намена Министерството за образование и наука веќе има издвоено 30 милиони денари, информираше директорот Николовски. (С.М.)