Струјата ќе поскапи до 1 отсто, а дополнителен час евтина тарифа ќе има ама догодина

Цената на струјата нема да поскапе повеќе од 1 отсто, но дополнителна евтина тарифа нема да има годинава туку на пролет следната година. Како што изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во оној дел којшто е најбитен и кој се однесува на домаќинствата и на најголем број на малите потрошувачи, делот од мрежарина, вклучувајќи го и преносот и дистрибуцијата има намалување за 7 отсто

35

Цената на струјата од Нова година ќе се зголеми најмногу за 1 процент. Ова се очекувањата на првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски кој вчера ги соопшти цените за пренос на електрична енергија, за дистрибуција на електрична енергија и цената на операторот на пазарот на електрична енергија. Како што изјави Бислимоски кај мрежарината, вклучувајќи ја цената на преносот и на дистрибуцијата има намалување за 7 проценти.

-Во оној дел којшто е најбитен и кој се однесува на домаќинствата и на најголем број на малите потрошувачи, делот од мрежарина, вклучувајќи го и преносот и дистрибуцијата таму имаме намалување за 7 отсто. Во однос на останатите просечни цени, цената на МЕПСО за пренос на електрична енергија се зголемува за 5,68 отсто пришто влијанието на крајната цена е 4 отсто, цента за дистрибуција на електрична енергија се намалува за 5,52%, влијанието на крајната цена изнесува 33 отсто и цената на операторот на пазарот на електрична енергија се зголемува за 19,8 отсто кадешто влијанието е екстремно мало и изнесува само 0,19 отато. Значи делот од мрежарината којшто го плаќаат домаќинствата и 90 отсто од малите потрошувачи уште еднаш потенцирам се намалува за 7 отсто. Понатака, по носењето на овие одлуки во текот на следните денови ЕВН Хоме како универзален снабдувач до РКЕ ќе ги достави на контрола цените за домаќинствата и за малите потрошувачи, изјави Бислимоски.

Тој рече дека не очекувам просечната цена на домаќинствата да биде поголема од 1 процент и додаде дека мрежарина успеале да ја намалат затоа што одредени компании имаат поголем профит од она што беше одредено.

-Процедурата за формирање на крајна цена за домаќинствата и малите потрошувачи која ќе биде на сила од 1 јануари е практично поделена во два комплементарни дела: едниот кој ние го регулираме во делот на услугите на вршителите на енергетски дејности за пренос и дистрибуција на електрична енергија и вториот дел е цената на производот електрична енергија. Ние денеска го презентиравме нашиот сегмент, елементите кои зафаќаат околу 38 отсто во крајната цена. Вториот елемент в цената и количината која ЕСМ ја понуди во четвртокот кон Универзалниот снабдувач, а тоа е 62 евра за MWh за покривање на 100 отсто од вкупно планираните количини. Сега, следува финалната фаза која ќе се одвива под комплетен наш надзор. Имено Универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ ќе ја пресмета финалната цена на електрична енергија, согласно Методологијата утврдена од наша страна и ќе ја достави до РКЕ. Ние ќе го провериме целиот процес, односно дали Тарифниот систем со методологијата е соодветно применет и ако не е согласно истиот ќе ја вратиме на доуредување. Потоа цените ќе бидат објавени, изјави Бислимоски и додаде дека МЕПСО побарал зголемување 50,58 отсто, а МЕМО 78,58 отато во однос на постојната просечна тарифа.

Во однос на долгот на Електродистрибуција од 40 милиони евра, Бислимоски рече дека веќе три години го плаќаме преку цените на електричната енергија и оти сега најбитно е да се обезбеди ценовна стабилност за домаќинствата, а потоа стабилизација на ЕСМ.

Во однос на дополнителниот час за евтина дневна струја, Бислимоски рече дека воведувањето на тој час ќе се разгледува напролет.

– Анализите на цената во октомври на ХУПЕКС покажаа дека цената е најниска од 12 до 16 часот а највисока од 20 до 24 часот. Имајќи ги предвид навиките на нашите домаќинства, одлучивме да ја оставиме состојбата таква каква што е до пролет па потоа ќе носиме одлуки. Македонија е единствена земја во регионот со евтина тарифа во текот на денот, додаде тој.

(А.С.)