Дали ќе поскапи струјата ќе се знае до крајот на месецов кога ЕВН Хоум ќе ги направи последните пресметки и ќе ги достави до Регулаторна комисија за енергетика која го има последниот збор. Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски, изјави дека нема да дозволат да има ценовни шокови и при донесување на одлуката ќе водат сметка исклучиво за стандардот на граѓаните. Според него, зголемувањето на цената на лебот не треба да се поврзува со цената на струјата, бидејќи 95 отсто од потребите за струја во ова индустрија се покриваат од слободниот пазар каде што цената е пониска за 50 до 80 отсто.
– Во однос на цената на струја, донесена е одлука на Владата, цената на која ЕСМ ѝ понудил на универзалниот снабдувач 60 евра од мегават-час и ќе се обезбедат 85 отсто струја за малите потрошувачи, вклучувајќи ги малите домаќинства. Во изминатите години не дозволивме да има ценовни шокови, така што и сега со сите механизми кои ни се на располагање ќе ги искористиме да не предизвикаме никакви ценовни шокови, водејќи сметка за стандардот на граѓаните. Но, да почекаме да заврши тендерот, универзалниот снабдувач ги прави пресметките, и ќе ги достави до Регулаторната комисија. По завршување на тендерот ќе имаме поточни информации, рече Бислимовски.
Беслимоски апелира да не се прават шпекулации и цената на лебот да не се поврзува со зголемување на цената на струјата, бидејќи 95 отсто се големи компании и потребите за струја ги покриваат на слободниот пазар каде што последниве години цената е намалена за 50 до 80 отсто.
Според првиот човек на РКЕ, со оглед на тоа дека овој период цените на струјата на берзите се негативни или блиску до 0 се прават напори и анализи да бидеме прва земја во Европа која ќе има три часа евтина струја во текот на денот. Оваа одлука нема да стапи на сила веднаш, односно од 1 јули, туку граѓаните дополнителниот час евтина струја ќе го добијат до крајот на годината.
Бислимовски додава дека намалената профитна маржа на ЕВН Хоум делумно ќе го анулира зголемувањето на цената на струјата. Според него, она што загрижува е фактот што ЕСМ ќе покрие само 85 отсто од потребите за струја, додека другите 15 отсто од струјата за потребите за домаќинствата и малите потрошувачи ќе се обезбеди на берзите каде цената е многу повисока. Според последните информации цената на берзите е 90 до 100 евра за мегават-час, додека цената по која ЕСМ ѝ ја нуди струјата на ЕВН Хоум е 60 евра за мегават-час.
Бислимоски рече дека од наредната година, бидејќи не треба да се избира нов универзален снабдувач, одлука за цената на струјата ќе се носи еднаш годишно на крај на декември.
Инаку, претходно од Сојузот на синдикати предупредија дека не е време за зголемување на цената на струјата, бидејќи тоа ќе предизвика нови поскапувања и дополнително намалување на куповната моќ на граѓаните. Од ССМ велат дека со зголемување на цената на струјата ќе имаме обезвреднување на минималната и просечната плата и ново зголемување на минималната кошница.
– Ако се покачи струјата не може да очекуваме дека ќе има намалување на инфлацијата. Напротив, ќе има поскапување на сите производи и услужни дејности кои се поврзани со струјата. Тоа значи уште едно обезвреднување на минималната и просечната плата, но и уште едно зголемување на минималната кошница, изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски, од Сојузот на синдикати на Македонија.
Според него, поскапувањето на струјата најмногу ќе ги погоди трудоинтензивните гранки, односно 90 отсто од фирмите кои работат лон. Поради зголемените трошоци кои голем дел од фирмите нема да можат да ги покријат ќе предизвика нов бран затворање на фирми и отпуштање на работници. Оние фирми кои е опстанат ќе мора да им ги покачат платите на работниците.
-За да нема затворање на фирми и отпуштање на работници, ќе треба државата повторно да субвенционира одредени сектори. Затоа сметам дека во овој период нема потреба од зголемување на цената на струјата, бидејќи тоа ќе биде уште еден удар по домашниот буџет, вели Радовски.
Инаку дали ќе поскапи струјата ќе се знае по завршување на тендерот на 20 јуни, по што универзалниот снабдувач ќе ги направи пресметките и ќе ги достави до Регулаторната комисија.
(А.С.)