Струшката хирургија затворена, морбилите ги  покосија лекарите

Последните информации од Центарот за јавно здравје говорат дека бројот на заболени од морбили во Струга е 126, а само на хирургија има заболено 14 здравствени работници

144

Хируршкото одделение во струшката општа болница е под клуч. Лекарите и другиот медицински персонал се во карантин. Во функција е само хируршката амбуланта, бидејќи повеќе од 50% од здравствените работници во ова одделение се заболени од мали сипаници.

Одлуката ја донела комисијата за хоспитални инфекции во рамките на болницата, за што било известено и Министерството за здравство, Центарот за јавно здравје и Републичкиот санитарен инспекторат.

„Вчера се донесе одлука привремено да биде затворено хируршкото одделение и да не се примаат пациенти кај нас, односно да се препраќаат во најблиските болници каде што треба соодветно да се згрижат. Во Македонија е прогласена епидемија на морбили, но интересна работа е што нашиот медицински персонал скоро 50% од нив се разболе од морбили и е фактички нефункционален“, вели Владимир Кочовски – началник на хируршко одделение за телевизија Алсат-М.

Веќе закажаните пациенти за операции биле информирани за новонастанатата ситуација, а итните случаи ќе се препраќаат во Охрид или во други болници.

„Екипа не може да се оформи затоа што сме десеткувани. Половина од хирургија и анестезија која се наоѓа кај нас е на боледувањe“, додава Кочовски.

Како што објави Алсат-М, првично рокот до кога хирургија ќе биде затворена е 28 мај, а што понатаму никој не знае.

Лекарите не ја исклучуваат можноста рокот за неработење на хируршкото одделение во Струга да биде продолжен и по 28 мај. Последните информации од Центарот за јавно здравје говорат дека бројот на заболени од морбили во Струга е 126, а само на хирургија има заболено 14 здравствени работници.

Градската болница во Струга покрива голема територија на население од околу 60 илјади жители. Но, тука на операции доаѓаат и пациенти од други градови од југозападниот дел на Македонија, од истокот, но и од соседна Албанија. Годишно тука се изведуваат околу 1.600 операции, пред сè на жолчка, на карцином на дебелото црево, на желудникот и на гради.

Во изминатата недела бројот на новорегистрирани заболени беше најголем и достигна 134 случаи. Во последните десетина недели овој број континуирано се одржува околу 100, но ова е највисоката бројка регистрирана воопшто откако е регистрирана епидемијата.

Од новозаболените 48 се од Скопје, а останатите 86 се од десет други градови со што вкупниот број на зафатени градови изнесува 22, информира д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Вкупниот број на регистрирани од почетокот на епидемијата, како што информираат од Институтот за јавно здравје  е во постојан пораст и последната бројка изнесува 1.524.

Според ИЈЗ најголем број регистрирани се возрасни лица над 30 годишна возраст. Речиси половина од сите регистрирани се возрасни лица.