„Струмица безбеден град“

12

Општина Струмица и полицијата идната година треба да почнат да го реализираат проектот „Струмица безбеден град“, кој беше избран како приоритетен на Форумот на заедниците.

Според градоначалникот Костадин Костадинов, ќе бидат поставени камери насекаде низ градот.

– Јас сум благодарен што и СВР Струмица ја прифаќа таквата иницијатива, бидејќи без мониторинг на безбедноста, нема да се постигне вистинската цел. Во 2025 година, низ цела Струмица, низ паркот ќе има камери, со цел да ги надминеме и да ја лоцираме таа мала група струмичани што, за жал, врши вандализам во градот, ги пали контејнерите. Се надевам дека преку овој систем ќе го анулираме тој криминал – рече Костадинов.

Секторот за внатрешни работи – Струмица соопшти дека го поздравува прифаќањето на иницијативата, која била дадена од началникот на СВР Струмица, Дејан Ефтимов, на одржана средба со Костадинов за поставување  камери за видеонадзор на подрачјето на градот.

– Со реализација на проектот „Струмица безбеден град“, преку системот што ќе го управува полицијата, ќе се врши мониторинг на подрачјето, со што ќе се придонесе за спречување на различни облици на криминал и девијантно однесување, а со тоа ќе се зголеми безбедноста на граѓаните и на нивните имоти на подрачјето на Струмица – се наведува во соопштението на СВР Струмица.

Проектот „Струмица безбеден град“ доби најмногу гласови на Форумот на заедниците, со што e прворангиран и е приоритетен за реализација идната година.

СВР Струмица ќе презема засилени мерки за санкционирање поради непочитување на сообраќајните правила и прописи.

Возачите ќе бидат санкционирани согласно со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, стои во соопштението на СВР Струмица.

Воедно, Секторот за внатрешни работи – Струмица ги известува сите лица учесници во сообраќајот на подрачјето на Струмица дека во следниот период ќе се преземаат засилени мерки и активности со цел санкционирање на возачите и на другите учесници во сообраќајот што не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

Од СВР Струмица информираат дека ќе се стави акцент на непрописното паркирање на возилата на подрачјето на градот за да се обезбеди безбеден и непречен сообраќај.

Од полицијата апелираат до возачите превозните средства што ги управуваат, да ги паркираат на обележани паркинг-места, почитувајќи ја поставената сообраќајна сигнализација.

– Во спротивно, за непочитување, ќе се преземаат законски мерки и возачите ќе бидат санкционирани согласно со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата – наведуваат од СВР Струмица