Европската унија воведува построги стандарди кога станува збор за олово и кадмиум во храната, како дел од поширокиот план за превенција од рак.
Новите ограничувања се однесуваат на оловото во храна за новороденчиња, зачини, вина и сол, а од утре, нови ограничувања се однесуваат на кадмиумот во овошјето, зеленчукот, житарките и маслодајните семиња.
„Како дел од нашите напори за подобрување на здравјето преку пристап до здрава исхрана и физичка активност според Европскиот план за рак, одлучивме дополнително да го намалиме присуството на канцерогени загадувачи во храната“, рече европската комесарка за здравство, Стела Киријакидес.
Оловото и кадмиумот се токсични канцерогени материи. Новите стандарди се засноваат на новите податоци, кои покажуваат дека не постои праг под кој со сигурност може да се исклучи нивното штетно влијание врз здравјето на луѓето.
Европскиот орган за безбедност на храна, исто така, неодамна изразил загриженост дека изложеноста на олово во храната може да влијае на невролошкиот развој на фетусите, новороденчињата и децата.
Релативно високо ниво на олово е откриено кај алги, риби, морски плодови и додатоци во исхраната.
Германското министерство за животна средина предупредило дека и други намирници, како што се житарките и зеленчукот, исто така, можат да дадат значителен придонес во внесот на оловото, иако го содржат во релативно мали количини, но луѓето многу го конзумираат.
За повеќето видови сол, новите правила ќе важат за ограничување од 1 мг олово за килограм.
Кадмиумот влегува во околината преку процесите на согорување или тиња од канализација, а може да навлезе во почвата и преку фосфатните ѓубрива.