Странците притискаат, решението за СЈО виси на конец

155

Иднината на Специјалното јавно обвинителство е на статус-кво и по неколкуте рунди преговори меѓу власта и опозицијата. Притисокот дополнително се зголемува бидејќи остануваат уште неколку денови  до објавувањето на извештајот.

Според неофицијални информации, странците инсистираат на договор за СЈО, бидејќи тоа е пресудно за позитивна оценка во извештајот.

Премиерот Зоран Заев е оптимист дека пред објавувањето на извештајот од ЕК можно е да се дојде до решение за статусот на СЈО, во рамки на предлог-законот за Јавното обвинителство.

– Мислам дека можеме овие денови пред објавување на извештајот на 29 мај да го заокружиме овој процес и двете условно кажано страни  во преговарачкиот процес да објават дека е постигнат договор, изјави премиерот Зоран Заев.

Додаде дека знае оти во одредени моменти има приближувања, па, како што рече, за некои детали ќе застанат, но процесот, оцени, се движи кон успешно завршување

– Тоа е важно заради тоа што и самиот извештај ќе биде позитивен, но не би требало да оставиме како држава каков било аргумент на Економскиот совет, кој е претставен од земјите членки. Да не дозволиме да имаме каква било дамка или причина за кој било и што било да одоговлекува, порача претседателот на Владата.

 

Министерката Дескоска изрази надеж дека ќе успеат да изградат консензус со почитување на принципите кои се зададени од ЕУ, а се многу битни за градење на владеење на право во нашата држава.

Таа верува дека веќе созрева свеста кај сите политички партии дека она што значи барање за амнестија не смее и не може да помине.

– Нашето инсистирање да бидат застапени сите принципи на владеење на право, а тоа значи да нема никаква можност за скриена амнестија е принципот од кој не смееме и не можеме да отстапиме бидејќи закон што ќе содржи квалитетни решеније соодветни на стандардите на ЕУ, е закон што ќе биде позитивно оценет, истакна министерката Дескоска.

 Одговарајќи на новинарско прашање за истрагите кои ги води СЈО, Дескоска информира дека се разговара околу користење на постојната законска рамка, решенијата кои се во сегашниот закон за СЈО, во сегашниот закан за кривична постапка и решенија кои произлегуваат од праксата.

Премиерот Заев информира дека за сите детали на законот во кој е инкорпориран и СЈО имало средба и со Зијадин Села и со Биљаљ Хасами.

– Тоа не е условено со судски процеси. Никој и не го бара реално заради тоа што тоа не е под владата, ниту под парламентот. Можеби преку тоа сакале да испратат порака до правосудниот систем за одредени барања за правичност или слично. Верувам  дека како што стига по многу процеси и предмети правдата, така и по овие предмети кои албанската опозиција ги зборува ќе се дочека правда транспарентна и јасна за сите, изјави Заев.

Пратеникот Антонио Милошоски, кој во преговорите е претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во емисијата „Отворено на Алфа“, вели дека опозицијата е подготвена за разговори за закон, кој во иднина ќе ги надживее сите влади.

– Доколку сакаат на мускули да го донесат и овој закон за обвинителство слободно нека ја одберат таа опција.

Ние не можеме ниту да ги спречиме ниту да им забраниме да одберат таква опција која е игнорирање на најголемата опозициска партија, но тоа си има цена. Тоа значи дека ако на таков начин биде наметнат или донесен некој суштински закон како овој или одредени други, тогаш на истиот начин ќе биде поправен или сменет, рече Милошоски.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, неодамна изјави дека  ако нема договор за СЈО ќе се разговара со пратениците за двотретинско мнозинство. И осумтемина  пратеници, кои функционираат независно од ВМРО-ДПМНЕ, им порачаа на двете најголеми партии да најдат компромисно решение, затоа што законот е предуслов за европската перспектива на земјата.

Иднината на Специјалното јавно обвинителство е во фокусот и во односите меѓу владиниот двоец Заев-Ахмети. Иако беше најавено дека ќе разговараат за кадровските промени во извршната власт, на средбата која e закажана за попладнево, коалиционите партнери, како што брифираат партиски извори за весникот ВЕЧЕР треба да се договорат за статусот на СЈО.

Премиерот Зоран Заев деновиве најави дека ако е потребно ќе има и лидерска средба за да се најде решение за Законот за јавно обвинителство со кој се решава статусот на Специјалното јавно обвинителство.