Текстилните фабрики во државата почнаа да се затвораат. Само во последните два месеца, затворени се четири текстилни фабрики во Штип, а причината за нивно затворање е немањето нарачки од странските партнери. Дел од брендовите си заминаа од Македонија и го преселија своето производство во Египет, Мароко и во други земји од Блискиот Исток. Познавачите на пазарот велат дека ги губиме странските партнери поради високата цена на трудот, возраста на работната рака, неинвестирањето во машини и зголемување на капацитетите.

– Странските партнери си заминуваат од Македонија не само поради поевтината работна сила на Блискиот Исток туку и поради неинвестирањето во машини и зголемување на капацитетите. Сепак, најголем проблем во државата е недостигот на млада работна сила, поради што странските партнери ја избегнуваат Македонија за производство на своите производи – вели за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавци на Македонија.

Со затворање на овие фабрики, 130 текстилци останаа без работа, а последниве години има константен пад на бројот на работници. Така, последните 10 години, бројот на работници во секторот се преполови од 48 илјади на 28 илјади.

Проблемот е што работната сила е стара, а поради ниските плати и неатрактивноста на оваа професија, младите не се заинтересирани да ја работат и се иселуваат од државата.

– За жал, европските брендови отидоа во Бангладеш, Мароко, Египет… бидејќи таму работната сила е поевтина и помлада од нашата. Ние останавме скапи со порастот на платите, а немаме ниту млада работна сила, која си замина надвор од државата. Поради тоа, странските партнери не гледаат иднина во соработката со нашата земја. Конфекциите засега опстојуваат од производството за домашниот пазар – изјави Димитров.

Познавачите на пазарот велат дека состојбата во текстилната индустрија е алармантна и на многу текстилни фабрики им се заканува клуч на врата. Освен кај нас, и во другите земји од регионот текстилната индустрија е во криза, а компаниите што се занимаваат со оваа дејност имаат сè повеќе проблеми со нарачките, и тоа најмногу се одразува на работниците, кои остануваат без работа поради „последиците од инфлацијата, кризата и променетите услови на пазарот“.

Економистите истакнуваат дека текстилната индустрија е во криза и во други делови од светот, а како причина за тоа ги наведуваат инфлацијата, поскапувањето на храната, поради што луѓето сè помалку купуваат облека.

(А.С.)