„Стража за јазикот“ – политички циркус или нова меѓуетничка криза? 

618

Активистите на ДУИ и продолжија со „Стража на јазикот“, пред влезот во Уставниот суд, при што состојбата беше мирна но и непредвидлива, без големо присуство на полициски сили. „Интегративците“ попладнево одржуваа седница на партиското Централно претседателство на која требало да се донесе одлука за следните чекори. Премиерот Христијан Мицкоски им порача на граѓаните дека треба да бидат спокојни бидејќи безбедносната состојба е под контрола, а владеjачката партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека од ДУИ приредуваат политички циркус.

 

Партиски активисти на ДУИ продолжија со мирниот протест и денеска, втор ден, беа собрани пред влезот на Уставниот суд откако нивното раководство реши да одржува „Стража на јазикот“ сè до 11 декември кога уставните судии треба да се изјаснат за оспорениот  Законот за јазици. Под распнатите шатори околу пладне имаше околу 100-200 активисти, при што на секој час-два доѓаа и си заминуваа групи од по дваесетина-триесетина луѓе. Очигледно беше дека е договорено активистите да се сменуваат во дежурањето пред Судот. Под шаторите ечеа патриотски албански песни, а атмосферата беше мирна, без назнаки дека би можел да се случи некаков инцидент. Околу шаторите и околу зградата на Уставниот суд имаше десетина полицајци од редовниот состав и неколку нивни автомобили, при што во близина не се забележуваа полициски „специјалци“.

-Тука сме цело време, бевме и цела ноќ, а продолжуваме и натаму, сè додека не се донесе одлуката на Судот и додека не го одбраниме правото на употребата на албанскиот јазик. Ќе видиме прво дали седницата воопшто ќе се одржи, а потоа што по евентуалната одлука на судиите, ни рече еден од насобраните граѓани.

Пред самиот влез во Уставниот суд немаше зајакнато полициско обезбедување. Пред службените врати имаше само едно службено лице кое е редовно обезбедување, но кое без проблеми си стоеше пред везот.

Додека активистите стоеја пред Судот, нив повремено ги посетуваа партиските функционери. Околу пладне „Стражата“ ја посети екс-министерот за надворешни работи Бујар Османи. Тој најави дека во текот на денот ќе заседава Централното претседателство.

-На состанокот ќе се одлучува за следните чекори. До 11 декември сигурно остануваме, а за понатаму дополнително ќе се решава. Денеска има состанок на Централното претседателство, има и координација на лидерите од Европскиот фронт каде што ќе се одлучува за следните чекори. Повикот за одбрана на јазикот е до сите, меѓутоа не само на јазикот, туку ова е повик за стража на мултиетничка, демократска и европска Северна Македонија, така што ова не е само кауза на Албанците, овде очекувам секој човек од добра волја, којшто смета дека требаше досега да ги надминеме прашањата што се однесуваат на основните права на етничките заедници и да градиме држава и општество коешто цели кон Европската Унија, но, за жал, ретроградни сили се обидуваат да не вратат назад, предизвикувајќи го најсветото за граѓаните, рече  Османи, додавајќи дека Уставниот суд извршува наредби од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која, како што рече, во партиската програма има забрана за етничка припадност.

За попладнето беше најавено дека насобраните граѓани ќе ги посети и партискиот лидер Али Ахмети, кој ќе ги соопшти следните чекори.

И покрај навидум мирната ситуација пред Уставниот суд, очигледно беше дека состојбите може да ескалираат во некој инцидент во секој момент. Уште во неделата кога ДУИ најави одржување на „Стражата на јазикот“ беше кажано дека „ќе се заштитуваат темелите на еднаквоста на Албанците“.

– Ова не е прашање на обичен закон, туку е прашање за нашите права како рамноправни граѓани, нашиот идентитет и иднина како општество, нашата иднина. Охридскиот мировен договор е нашата гаранција за праведно и еднакво општество. Од денес ќе останеме тука пред Уставниот суд ден и ноќ, на мирен начин да ти заштитиме нашите права и да осигуриме дека нема ниту една одлука да го уништи она што го изградивме со жртвување. Ова не е иницијатива на една политичка партија, соопшти тогаш екс-министерот Арбр Адеми.

 Не грижете се, безбедносната состојба е под контрола

На вакви најави истиот ден реагираше и премиерот Христијан Мицкоски, кој порача дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи безбедносната состојба е под контрола.

-Уставниот суд си има процедура и тоа ќе биде само подготвителна седница. Тие, ДУИ, бидејќи 20 и кусур години поставуваат судии, знаат дека ништо нема да се случи в среда. Па кога ништо нема да се случи в среда, бидејќи се знае какви се процедурите на Уставниот суд итн., ќе излезат во јавноста и ќе кажат: „Еве, ние правевме притисоци и затоа сега ништо нема да се случи во среда“. Затоа, што за што било да се случи и за било кој да направи нешто таму, потребни се уште неколку чекори за да дојдеме до каква било акција. Во среда нема ништо да се случи, затоа што има подготвителни седници итн. итн. Но, тие повторно ги злоупотребуваат Албанците, но и Македонците, но и останатите ги малтретираат во државава со обид за поделба и да привлечат кон себе внимание, изјави Мицкоски.

Според него, безбедносната состојба е под контрола.

-Секоја процедура мора да има крај. Ние не можеме да речеме дека не важи. Единствено тие што ја поднеле, можат да ја повлечат или Уставниот суд да ја отфрли како нерелевантна. Па дури потоа ние може да зборуваме дали, како, што, и да влегуваме во зона на претпоставки. Дотогаш, ве молам, да не се грижите, безбедносната состојба е под контрола. Ќе има обиди, од истите овие луѓе, точно ги знаеме кои се, точно знаеме со кои групи комуницираат и како комуницираат, точно знаеме сè. Немојте да мислите дека нешто не се знае. И ние, но нашите стратешки партнери, бидејќи во оваа работа не сме сами. Добиваме и од таму информации, даваме информации, разменуваме информации. И ќе се одбраниме и ќе ги поразиме, додаде Мицкоски.

На ова веднаш реагираа од ДУИ порачувајќи му на Мицкоски „да ги прекине заканите бидејќи не може да исплаши никого“.

-Овие техники на политички закани и прогон, користени во најмрачните периоди на комунизмот, нема да успеат. Албанците низ вековите израснаа под вакви закани од полицијата и државниот апарат, чија цел беше потиснување на политичкиот активизам. Но, историјата докажала дека овие напори никогаш не успеале да ја спречат нашата волја за правда и еднаквост. Не можете да исплашите никого, а најмалку народ кој отсекогаш бил подготвен да се жртвува за правда и еднаквост, соопштија во неделата од ДУИ.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, пак соопшти дека „интегративците“ приредуваат политички циркус.

-ДУИ 20 години избира судии, точно ги знаат правните процедури, и како одлучува Уставниот суд, но и покрај тоа одбраа да приредуваат политички циркус, за да го одвлечат вниманието од јавноста од тоа што 20 години ја крадеа државата. ДУИ 20 години ги краде Албанците и Македонците, а секогаш се повикува на Албанците кога треба да краде или кога се спречени во тоа, како сега. Стравот на ДУИ е затоа што доаѓа време за одговорност на нивните криминални функционери, кои додека продава патриотизам дебело се нафатирале, изјави на прес-конференција пратеникот Бране Петрушевски.

ВРЕДИ: Не поминуваат триковите на ДУИ

Од коалицијата Вреди, која е дел од владиното мнозинство, пак, вчера потсетија дека ДУИ го има изгласано Законот за јазиците иако Венецијанската комисија ја оспорила законитоста на три члена.

-Не поминуваат триковите на ДУИ кои сакаат да се претстават како спасители на проблемите кои што сами ги создадоа.  Албанците можат да бидат мирни, албанскиот јазик ќе биде заштитен, порача Саранда Имери – Стафаи од коалицијата Вреди, по состанокот на координативното тело на Коалицијата и лидерите на партиите, заедно со министрите од владината коалиција.

Проф. д-р Груевска-Маџовска: Македонците се државотоворен народ, а не етничка заедница!

Притисокот кој од страна на партиите на Албанците во Македонија почна да се врши врз уставните судии околу Законот за јазиците најде и на реакции на социјалните мрежи, посебно по писмото на повеќе од 250 интелектуалци – Албанци кои испратија отворено писмо до Уставниот суд. Со него се бара да не се укинува службената употреба на албанскиот јазик.

-Се сомневаме дека можете да станете учесници во остварување на сценарио со политички мотиви, кое го има за цел токму она што отворено се декларира на највисоко државно ниво. Ваквата постапка би ја поткопала довербата на граѓаните, особено на Албанците, во функционирањето на институцијата што ја застапувате, се вели во писмото.

Професорка Симона Груевска-Маџоска, од Институтот за македонски јазик, реагира и на оваа писмо. Таа, во објавата на профилот на Фејсбук, потсетува дека Македонците се државотоворен народ, а не етничка заедница и дека Охридскиот договор е целосно имплементиран во Уставот уште во 2001 година.

-Сè што е донесено подоцна, вклучително и Законот за употребата на јазиците („во духот на Охридскиот рамковен договор”), е надвор од него. Мислењето на Венецијанската комисија, како советодавно тело на Советот на Европа, мора да се почитува, ако сакаме да бидеме европска држава. Не може јазик што не го разбираат 75 проценти од населението во Македонија да биде на исто рамниште со македонскиот. Невозможно е и државните институции ќе се блокираат. Не може „повредените чувства” на Албанците да бидат поважни и повредни од чувствата на Македонците. Албанските интелектуалци треба да се засрамат од писмото што го потпишале, ако се вистински интелектуалци. Сигурно им е многу тешко на ДУИ во опозиција, откако во 2001 ја нападнаа сопствената држава како терористи и потоа 23 години удобно си седеа во фотелјите на власт и знаеме што правеа. Сега се закануваат пак со војна, што значи мир во Македонија ќе има само ако терористите се на власт. Не иде така, другари!, порача Симона Груевска-Маџоска.

Ќе учествуваат ли судиите Кадриу и Ајдари на седницата?

Инаку, во пресрет на утрешната седница на Уставниот суд двајцата судии од редовите на албанската заедница – Осман Кадриу и Насер Ајдари – веќе соопштија дека нема да учествуваат во заседанието. Кадриу минатата недела соопшти дека „ќе се одлучува за прашање од национален карактер и дека не гледаат дека е разумно да ја одобрат одлуката којашто ќе биде донесена со мнозинство гласови“.

Неодамна претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, изјави дека ако има такво нешто од страна на дел од судиите кои се припадници на заедниците, постоеле механизми што ќе спречеле блокирање на работата на Судот.

-Јас не сакам да верувам во такви сценарија, но неспорен факт е дека јас како претседател на Судот сум обврзан со Заклучок, сите девет судии да бидат присутни на седницата. Сè додека е на сила тој заклучок поради сензибилноста, важноста на предметот, поради импликации, треба да се одлучува во полн состав. Додека не се донесе нов заклучок, тој е на сила. Но, не значи дека нема да можеме да го смениме и да донесеме друг заклучок, рече Костадиновски, според кој не се доведува под закана употребата на јазиците, туку само начинот, примената и како е операционализиран законот.

Законот за употреба на  јазиците е оспорен пред Уставниот суд во целина и одделно од членот 1 до членот 25 од законот. Поднесени се вкупно 12 иницијативи, меѓу кои и тие од партиите ВМРО- ДПМНЕ и Левица, од професори и од адвокати. Во иницијативите се оспорува постапувањето на Собранието бидејќи предлогот на законот не бил вратен на усогласување со Деловникот, законот не бил разгледан од матичните комисии, пред да се најде на пленарна седница каде пак не бил изгласан со дво-третинско мнозинство од вкупниот број на пратеници. Понатаму подносителите забележуваат дека иако Претседателот на државата имал право на суспензивно вето, Указот се објавил без негов потпис што е спротивно на Уставот, уште повеќе што немал утврден рок ниту санкција доколку не го потпише Указот за прогласување на законот. Законот за употреба на јазиците се оспорува од аспект на Амандман 5 од Уставот.

Законот за јазиците пред 5 години се најде пред членовите на Венецијанската комисија од каде што ги  повикаа властите да го преиспитаат Законот за употреба на јазиците преку консултации со сите засегнати страни. Правните експерти на Советот на Европа потенцираа дека законот значително ја проширува употребата на албанскиот јазик и во многу аспекти ги надминува европските стандарди утврдени со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства и Европската повелба за регионални и малцински јазици. Комисијата понатаму забележа дека законот за јазици нема јасност во однос на одредбите што важат само за албанскиот, а кои исто така и за другите јазици во заедницата. Венецијанската комисија даде неколку препораки до надлежните да се напуштат одредбите што се однесуваат на двојазичноста во судските постапки. Понатаму албанскиот јазик во внатрешна и меѓуинституционална комуникација меѓу државните службеници, да се ограничи на писмена или неговото влегување во сила да биде одложено додека не се појави соодветно спроведување на таа одредба. (Б.Ѓ.)