Стојчевска: Не сум влијаела, ниту интервенирала за вработување на член на моето семејство

62

По серијата обвинувања за вработувања на свои блиски членови на потесното семејството, пратеникот од Делчево, Мира Стојчевска вечерва во коментар на фејсбук тврди дека таа на никој начин не влијаела, ниту интервенирала за вработување на член на нејзиното семејство или близок роднина.

– Изминативе денови внимателно ги следев реакциите во јавноста во однос на обвинувањата за непотизам, нешто што е спротивно на мојата определба и заложба за градење на општество кое ќе нуди подеднакви услови за сите. Општество кое ќе гарантира еднаквост меѓу граѓаните, независно од нивната партиска, религиозна или каква било друга определба. Тоа е целта за која што се боревме додека бевме во опозиција, тоа е целта на која работиме и сега. Одговорно тврдам дека, откако сум пратеник, а и претходно ниту сум влијаела, ниту пак имам намера да интервенирам за вработување на член на моето семејство или некој близок роднина, вели Стојчевска.
Според Стојчевска, непотизмот е нешто сосем спротивно на нејзините принципи и етички критериуми.
-Сепак сакам јавно да соопштам дека мојот сопруг Ило Стојчевски, кој во Шумска полиција – Сектор Делчево при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како заменик – командир работи од 1998 година, уште на 14 февруари годинава побара да биде отповикано временото овластување со кое привремено беше назначен за командир на Шумската полиција – Делчево. Иако не сум имала никакво влијание во неговото овластување за командир на шумската полиција – Делчево, следејќи ги моите, но и неговите принципи за отчетност пред граѓаните, мојот сопруг, независно од неговото долгогодишно искуство одлучи да се врати на старата позиција заменик-командир во Шумската полиција – Сектор Делчево. Исто така, сакам да информирам дека и мојот брат Целе Велевски, кој преку Агенција за привремени вработувања беше ангажиран на определен период од пет месеци во РЕК Битола, се откажа од ангажманот. Иако мојот брат сам одлучува за својата иднина и за иднината на неговото семејство, а неговиот ангажман беше легален, легитимен и во ниту еден случај не беше поврзан одредена политичка партија, тој реши да се откаже од овој привремен ангажман поради неоснованите сомнежи дека јас сум имала некакво влијание при неговото ангажирање, што целосно не е точно, пишува Стојчевска.