Сточарите нема да можат да ја нахранат стоката за време на полицискиот час ако немаат дозвола за движење од подрачните единици на Министерството за земјоделство. Проблем ќе имаат само оние сточари кои не се евидентирани за вршење на дејноста и чија стока се наоѓа надвор од катастарската општина во која живеат. Што се однесува до земјоделците кои имаат неодложни сезонски активности, како оние кои одгледуваат раноградинарски култури, полицискиот час за време на викендите нема да важи.
Претседателот на Сојузот на одгледувачи на овци, Никола Ѓеоргиев вели дека сточарите чија стока се наоѓа надвор од општината во која живеат ќе мора да вадат посебни дозволи за да можат да ја нахранат стоката.
-Сточарите можат слободно да се движат и да ги извршуваат своите активности околу стоката во рамките на општината во која живеат. Доколку стоката им се наоѓа во друга катастарска општина во тој случај ќе мора да вадат дозволи за движење за да можат да ја нахранат стоката, вели за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓиев.
Сточарите пак кои чуваат по неколку крави, овци, кози и друг добиток и кои не се евидентирани во Единствениот регистар на Министерството за земјоделство нема да можат да извадат вакви дозволи и за да ја нахранат стоката ќе мора да го прекршат полицискиот час.
-Ќе морам да одам да ја нахранам стоката и да ја прекршам забраната. Ако ја оставам стоката два дена без храна и вода ќе ми изумре. И така во последниве години многу тешко се живее од сточарство. Откупните цени на млекото и месото значително се намалија, а сега со овие забрани може да ни изумре и стоката, вели Митре, сточар од Овче Поле, чија штала се наоѓа подалеку од куќата во која живее, односно во друга општина.
Сточарите стравуваат и оти наскоро ќе нема храна за стоката. Поради пандемијата со коронавирусот се затворија сточните пазари во државата, па сточарите се потешко доаѓаат до храна за стоката.
Од Министерството за земјоделство информираат дека, дополнително, и другите земјоделски работници, фармери и сточари доколку им е потребно ќе можат да се пријават за добивање дозволи за движење, преку подрачните единици на Министерството за земјоделство. Оттаму додаваат дека полицискиот час за време на викендите нема да важи за земјоделците кои одгледуваат раноградинарски култури.
(А.С.)