Околу стотина деца од Куманово ќе учествуваат на третата по ред бадникова поворка. Децата и организациониот одбор ги интензивираат активностите последнава недела.
Во текот на оваа недела направени се макети на пештера и витлеемските ѕвездички кои децата ќе ги носат во поворката. Последната проба ќе се одржи денеска во 13 часот во Соборниот Храм Свети Никола, каде децата ќе ја пеат песната Вечниот Бог. Секоја година бројот на децата учесници во поворката се зголемува.
– Бадниковите поворки се движење во повеќе земји од православниот свет. Ова движење го најавува раѓањето на Христос, односно Божик, а се одржува традиционално на Бадник. Се практикувало се до Втората светска војна кај нас, но потоа престанува. Официјално поворките ги возобновува игуменот на Бигорскиот манастир, отец Партениј, а во Куманово се одржуваат со благослов на владиката Јосиф – истакна Ана Денковиќ Антевска, кој е дел од организаторите.
Поворката ќе почне на 6 јануари со почеток во 9:30 од Соборниот храм, ќе поминат низ централните градски улици и неколку правни субјекти и ќе ја посетат општина Куманово пеејќи ја песната “Вечниот Бог”.