Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) бара Законот за игри на среќа, кој е доставен до Собранието, веднаш да се повлече. Според АСОМ овој закон е неуставен, монополски, дискриминирачки и како таков воопшто не може да биде предмет на расправа. Неверојатно е дека и покрај сите апели на меѓународната заедница и евроамбасадорот Гир, Владата повторно насила, без дебата и спротивно на легислативата сака да донесе закон со европско знаменце, реагира Асоцијацијата.
И австрискиот амбасадор во државата побара од пратениците од Комисијата за европски прашања, доколку на дневен ред биде ставен предлог-законот, да не го разгледуваат поради ненадлежност и да не дадат согласност за предлог-законот поради неуставност.
-Пратениците од Комисијата за европски прашања да не дадат поддршка за новиот Закон за игри на среќа поради негова неуставност, реагира австрискиот амбасадор Георг Вуцас до Владата и пратениците откако измените на регулативата за игри на среќа стигнаа во законодавниот дом.
Амбасадорот реагира дека Владата го злоупотребува и европското знаменце за да избегне јавна дебата за контроверзниот закон.
„Актуелните одредби ги нарушуваат темелните вредности на уставниот поредок во член 8 од Уставот на Република Северна Македонија, т.е. владеење на правото, слобода на пазарот и претприемништво, почитување на општоприфатените норми на меѓународното право“, пишува во писмото австрискиот амбасадор.
Амбасадорот во писмото потенцира дека измените на Законот кои ги предлага Владата се косат и со други членови од Уставот – членот 51 каде што е регулирано дека сите закони мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Вуцас наведува дека измените на регулацијата се спротивни и со членот 52 од Уставот во кој е регулирано дека законот не може да има ретроактивно дејство, а се косат и со членот 59 кој гласи:
„На странските вложувачи им се гарантира правото на слободно изнесување на вложениот капитал и добивка. Правата стекнати врз основа на вложениот капитал не можат да се намалуваат со закон или со друг пропис“.
Вуцас укажува дека владеењето на правото ги опфаќа сите институции и процеси, а исклучително е важна одговорноста што ја има законодавниот дом.
Од АСОМ велат дека покрај оддалеченоста од 500 метри на објектите од училиштата поткрепена со наводната заштита на младата популација, законот содржи измени кои се нелогични и неуставни, многу сериозни финансиски импликации за оваа индустрија. Со измените Владата сака двојно да ги зголеми давачките за лиценци и нови уплатни места, што води кон затворање на индустријата.
Затоа бараат измените на Законот за игри на среќа кои се испратени до Комисијата за европски прашања да се повлечат, затоа што Законот е за затворање на индустријата за игри на среќа, дискриминирачки, неуставен и монополски. Законот единствено е во корист на криминалот и на коцкањето на црно, нагласуваат од Асоцијацијата.