Столтенберг им порачува на европските лидери да не се плашат од Трамп, туку да соработуваат со него

74

Шефот на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг, им порача на европските лидери да не се плашат од републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп, туку да соработуваат со него.

Ден пред заминувањето од функцијата, генералниот секретар на Алијансата во интервју за „Политико“ рече дека скептичните европски влади „треба да направат се што можат“ за да го убедат Трамп да ја продолжи американската поддршка за Украина, доколку победи на изборите во ноември.

„Кој и да победи на претседателските избори во САД во ноември, мислам дека е важно европските сојузници да се ангажираат за да се осигура дека САД ќе продолжат да ја поддржуваат Украина“, рече Столтенберг, пренесе Танјуг.

Иако го водеше НАТО низ бурниот период на администрацијата на Трамп од 2017 до 2021 година, Столтенберг одби да шпекулира зошто Трамп го исмеваше украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела, нарекувајќи го „најголемиот трговец во историјата“.

Шефот на НАТО, сепак, потсети на напорите на Трамп да обезбеди противтенковско оружје „Јавелин“ за Украина како претседател.

Тој додаде дека сите европски сојузници треба многу јасно да и дадат до знаење на Америка дека нема да донесат мир во Украина доколку таа не може да продолжи да постои како суверена и независна нација.

Трамп потроши многу енергија критикувајќи ја Европа, особено Германија, дека не ја исполни целта на НАТО да издвои два отсто од бруто домашниот производ за одбраната, додека за време на мандатот на Столтенберг, бројот на земји-членки на Алијансата што ја исполнија таа цел скокна од три на 23.

„Лошата вест е што два проценти не се доволни“, рече тој, додавајќи дека не сака да одредува колкав би требало да биде процентот бидејќи многу зависи од тоа како земјите членки ќе ја организираат својата одбрана, но дека е очигледно дека треба биде значително повеќе од два проценти.

Столетенберг, исто така, ги отфрли сугестиите што доаѓаат од балтичките земји дека Германија и балтичкиот регион би можеле да бидат цел на руски напад во рок од пет години.

„Не треба да кажеме дека е неизбежно Русија да нападне. Заклучокот е дека НАТО е таму за да го спречи тоа да се случи“, рече тој, додавајќи дека се додека Алијансата е силна и обединета, Русија нема да напаѓа.

Столтенберг во вторник ќе го наследи поранешниот холандски премиер Марк Руте, за кого има убави зборови.

„Апсолутно сум сигурен дека Марк Руте ги има сите квалификации да биде совршен и одличен генерален секретар. Мислам дека силата на демократските нации и институции е што ние на врвот ги менуваме. Тоа е дел од она што го прави НАТО силен“, рече Столтенберг.