Стоилковиќ на средба со НВО: Еднаков буџет за прослава на националниот ден на сите етнички заедници

45

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, остварил работна средба со претставниците на невладините организации од сите етнички заедници, а во фокусот на разговорот, меѓу другото, биле прашањата и предизвиците со кои се соочуваат помалите етнички заедници во земјава.

– Средбата се одржа во конструктивна атмосфера и на беа разменети мислења и ставови за можните проекти на кои треба да се работи, како и фактот дека е исклучително важна соработката со цел подобрување на нивната положба и ширење на мултиетничкиот дух, како и јакнење на соработката со граѓанскиот сектор, подобрување на видливоста и транспарентноста на здруженијата и зајакнување на партнерските односи со надлежните органи во РС Македонија, локалните самоуправи и со невладините организации – информираат од кабинетот на Стоилковиќ.

Оттаму велат дека министерот ги презентирал плановите на Министерството, односно фактот дека, согласно со буџетот за следната година, предвидено е сите етнички заедници да добијат еднакви средства за одбележување на својот национален ден, со фокус – напредок во извештајот на ЕК во областа на почитувањето на правата на помалите заедници.

– Очекувам издржани проекти, бидејќи нема да се толерираат импровизации. Ќе биде формирана комисија што, во соработка со ЕК и со ОБСЕ како поддржувачи на целиот процес, ќе го контролира истиот и затоа МОЗ ви стои на располагање со стручна помош, со единствена цел да добиеме издржани проекти, кои ќе значат напредок и место во извештајот на ЕК – посочил Стоилковиќ на средбата.

На крајот од средбата, соговорниците се согласиле дека е исклучително важна меѓусебната соработка и дека за да има резултати, освен иницијатива, треба и напорно да се работи.

На средбата имало претставници од Влашката, Ромската, Српската, Бошњачката и од Турската заедница.

 

 

ИЗДВОЕНИ