Стејт департментот ги буди македонските институции – Обвинителството ќе „копа“ кој давал и кој примал мито 

Јавното обвинителство оформило предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за поранешниот вицепремиер Артан Груби и за судијата Енвер Беџети, кои американскиот Стејт департмент во понеделникот ги стави на црната листа. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека предметот е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела. Коцевски рече дека ќе одговара и давателот на поткупот за да се чува предметот на Сашо Мијалков во фиока, поради што, како што соопшти Стејт департментот Груби и Беџети се санкционирани. Државниот обвинител брифираше и дека претходно обвинителството имало предистрага за уште еден поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев, кој исто така е санкциониран од Стејт департментот, но прибирањето докази било прекинато поради измените на Кривичниот законик. Постапката е во тек и за актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој во март беше ставен на црната листа на САД

68

Јавното обвинителство оформило предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за поранешниот вицепремиер Артан Груби и судијата Енвер Беџети, кои американскиот Стејт департмент во понеделникот ги стави на црната листа. Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, рече дека предметот бил оформен еден ден по објавата на Стејт департментот и е доставен на постапување на надлежно обвинителство кое ќе издаде соодветни наредби до институциите за откривање на кривичните дела. Коцевски рече дека ќе одговара и давателот на поткупот за да се чува предметот на Сашо Мијалков во фиока, поради што, како што соопшти Стејт департментот Груби и Беџети се санкционирани. Државниот обвинител рече дека Обвинителството ќе побара помош и од стратешките партнери.

– Со оглед на сериозноста на наводите поради кои наведените лица беа назначени на листата, ги искористив своите овластувања и уште вчера оформив предмет со цел да се обидеме да обезбедиме докази со кои ќе ја провериме евентуалната кривична одговорност на лицата кои се доведуваат во врска со дејства на поткуп и трговија со влијание, истакна Коцевски вчера на брифинг со новинарите и додаде дека Обвинителството има одлична соработка со стратешките партнери од САД и особено со Амбасадата на САД.

Измените на Кривичниот законик ја прекинале предистрагата за Анѓушев

Државниот обвинител брифираше и дека претходно обвинителството имало предистрага за уште еден поранешен вицепремиер, Кочо Анѓушев, кој исто така е санкциониран од Стејт департментот, но прибирањето докази било прекинато поради измените на Кривичниот законик. Постапката е во тек и за актуелниот градоначалник на Општина Карпош и лидер на ГРОМ, Стевчо Јакимовски, кој во март беше ставен на црната листа на САД.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, не даде одговор на новинарско прашање дали се постапува по ставањето на црната листа на Груби и Беџети и дали доказите за нив што ги има Вашингтон ги има и Скопје. Тошковски побара трпение од македонската јавност.

– Добро е познато на јавноста дека никогаш не шпекулирам и никогаш не отворам информации за јавноста коишто се несоодветни во рамки на сето она постапување што е во надлежност на МВР. Би побарал трпение од македонската јавност и во овој дел сега-засега, рече Тошковски.

Филков: Некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај

Министерот за правда Игор Филков рече дека е благодарен на помошта од сојузниците во откривањето на случаи на корупција, но смета дека претстои надлежните институции во наредниов период до крај да ја завршат својата работа.

-Јас сум благодарен на нашите партнери што ни помагаат во процесите, но некои работи ќе мораме сами да ги истераме до крај. Во периодот што следи да видиме што ќе се случува, да не брзаме со заклучоци, рече Филков во коментар на прашањето зошто САД откриле корупција кај Груби и Беџети, а македонските надлежни институции не можеле да ги откријат и гонат за сторена корупција.

-Јас не би рекол дека не можат. Тоа значи дека ние имаме многу пред нас за усогласување. Така да почекаме да видиме што ќе се случи, вели Филков.

Во однос на тоа до каде се измените на Кривичниот законик, кои уште летоска ги најави со кои треба да се спречат негативните последици од измените што беа направени, а со кои застареа токму делата кои се поврзани со ставањето на Груби и Беџети на „црната листа“, Филков очекува да бидат завршени до крајот на годинава.

-Се надевам дека до Нова година ќе завршиме, по што ќе излеземе на прес-конференција и ќе ги презентираме, рече министерот за правда, Филков, кој не кажа што ќе содржат измените.

Ахмети: Груби има право на жалба, сам ќе се повлече ако се докаже вина

Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, застана во одбрана на неговиот близок соработник Артан Груби. Запрашан дали доколку му се утврди вина на Груби, тој ќе биде отстранет од партијата, Ахмети рече дека Груби е совесен и одговорен и дека нема потреба партијата да го отстрани, туку дека тој сам ќе се повлече од сите партиски функции. Лидерот на Интегративците посочи и дека Груби има право на жалба на одлуката на Стејт департментот и дека процесот ќе го води со факти.

– Ние не ги оспоруваме одлуките на американскиот Стејт департмент, господин Груби има право на жалба, ќе го води процесот насочен со факти. Ова право господин Груби го има во одлуката на Стејт депарментот и тој сигурно нема да му наштети ниту на неговиот политички субјект (Демократската унија за интеграција), ниту на неговото семејство, до моментот кога овој процес ќе добие финална разврска. Господинот Груби е член на ДУИ, личност која четири години ја водела Владата на Република Северна Македонија. Секој член на ДУИ има обврска, без разлика на која функција се наоѓа, на повисоките или пониските нивоа да ги спроведе платформата и избирачката програма на ДУИ, рече Ахмети.

Стејт департментот на САД во понеделникот соопшти дека воведува санкции против поранешниот вицепремиер, Артан Груби, и против судијата на Апелацискиот суд, Енвер Беџети, поради нивна вмешаност во значителна корупција.

Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кој беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција. Покрај санкциите за Груби и за Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.

Судијата во Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, стана познат по долгото чување на предметот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше Мијалков. Против судијата се водеше дисциплинска постапка во Судскиот совет за неразумно долгото чување на предметот и Беџети беше казнет само парично, шест месеци му беа скратени 20 отсто од платата.

На почетокот на годинава, македонското МНР, со кое тогаш раководеше сопартиецот на Груби, Бујар Османи, излезе со иницијатива и дома да се санкционираат лицата и субјектите што се ставаат на црната листа на САД, како и на британските листи. Измените во предлог-законот за рестриктивни мерки предвидуваат на функционерите што ќе бидат обвинети за злоупотреби и корупција, да им престане функцијата, а на фирмите да им се забрани да учествуваат на тендери. (В.С.Н.)