Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по своите длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. – Поминаа повеќе од 5 години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град кој има прекрасна публика и каде што имам многу пријатели! – изјави тој како најава за претстојниот концерт

Светски познатиот виолинист, Стефан Миленковиќ, и македонскиот камерен оркестар „Профундис“ на 20 септември ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20:00 часот, ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и со незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.

Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист. Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по своите длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на бројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за уметник на векот, најхумана личност, личност на годината и е еден од најпознатите српски уметници што градат кариера на сцените во светот.

– Поминаа повеќе од 5 години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град кој има прекрасна публика и каде што имам многу пријатели! – изјави тој како најава за претстојниот концерт.

На сцената Миленковиќ ќе биде придружуван од камерниот оркестар „Профундис“, познат по своите уникатност, виртуозна музикалност и креативност во настапите, што ги прави еден од водечките камерни оркестри како во Македонија така и во регионот.

– „Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма оваа сезона. Неговата виртуозност и страста кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти оваа година! – изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“.

Инаку, српскиот виолинист Миленковиќ е познат уште од најраните години како „чудо од дете“. Роден во 1977 година, тој покажа извонреден музички талент уште од најрана возраст, одржувајќи го својот прв концерт на само шест години. На само 10 години настапуваше пред претседателот на САД, Роналд Реган, на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свиреше за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапуваше пред папата Јован Павле Втори. На 16 години го имаше својот 1.000 концерт во Монтереј, Мексико, а на 17-годишна возраст веќе имаше победено на голем број натпревари за млади виолинисти.

Неговите интерпретација и уникатен стил продолжуваат да го воодушевуваат љубителите на класичната музика ширум светот, правејќи го Миленковиќ еден од најпознатите виолинисти на своето време. Тој не само што е извонреден изведувач туку е и активен хуманитарец, со значителен придонес во светските хуманитарни напори и меѓународни музички соработки.

На програмата на концертот во Скопје ќе бидат изведени дела од П. И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате, ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Стефан Миленковиќ и „Профундис“.

Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот, со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестра во Македонија, Националната опера и балет и македонската Филхармонија.