Приоритети има многу, пред се, да ја стабилизираме Пошта, заедно со Управниот одбор и вработените да создадеме динамичен систем, кој брзо ќе реагира на промените, а во исто време и брзо ќе ги решаваме проблемите, вели во интервју за МИА Васко Стефанов, генерален директор на Пошта на Република Северна Македонија.
Зголемувањето на пакетските услуги како резултат на големата понуда на е-трговијата на глобално ниво одигра позитивна улога за давателите на поштенски услуги, придвижувајќи го обемот на пратки, особено во пакетскиот дел, во време кога има пад во делот на писмоносните услуги. Поради тоа, како што вели, Пошта на Република Северна Македонија презема мерки во однос на реорганизирање на доставното подрачје, организира достава на пакетски пратки, пратки на брза пошта и останати пратки со содржина, стока на домашна адреса со возила.
Стефанов, во првото интервју по поставувањето на директорската позиција во националната Пошта говори за финансиската состојба на претпријатието, приоритетите за врачување на пратките во пропишан рок, потребата од промени во работењето поради променетите потрошувачки навики…
Во април годинава бевте именувани на директорската позиција на Пошта на РСМ. Во каква состојба и со какви финансиски резултати го презедовте управувањето?
Со одлука на Владата од 19 април 2022 година, ја презедов функцијата генерален директор на Пошта на Северна Македонија, така што веќе изминува четвртиот месец од моето именување. Пошта е голем систем во кој вработените искрено и се посветени на Компанијата, која на пазарот на поштенски услуги постои повеќе од седум децении. Има капацитети и инфраструктура, покриеност на цела територија на државата, а тоа претставува добра основа да осигураме стабилна иднина за вработените, но во исто време да бидеме компетитивни на пазарот, носејќи се со новите техничко – технолошки предизвици, кои се пред нас.
Во првите три месеци од 2022 година остварените приходи се за 84 милиони денари помали од остварените расходи. Приоритети има многу, пред се, да ја стабилизираме Пошта, заедно со Управниот одбор и вработените да создадеме динамичен систем, кој брзо ќе реагира на промените, а во исто време и брзо ќе ги решаваме проблемите.
Што е во фокусот на вашето менаџирање за оптимизирање на процесот на достава и подигнување пратки?
Создавањето на стабилен поштенски систем и квалитетот на услугата се мои приоритети, но и приоритети на Управниот одбор, кои верувам дека се достижни.
За време на пандемијата, поштите ширум светот беа суштински давател на услуги, вршејќи достава за потребите на своите корисници. Поштенскиот сектор претставува важен сегмент во општеството, а преку услугите коишто ги нуди влијае во развојот на економијата воопшто. Од друга страна, подемот на дигитализацијата предизвика пад на поштенските услуги, но во исто време дава безброј можности за нови услуги и решенија, поддржани токму од развојот на технологијата.
Во овој контекст, сакам да го истакнам значењето на обезбедувањето на универзалната поштенска услуга на целата територија на државата, која е од јавен и економски интерес и вклучува прием, пренос и врачување на писмоносни пратки со тежина од два килограма, пакети со тежина до 10 килограми во внатрешен поштенски сообраќај и до 20 килограми во меѓународен поштенски сообраќај и пратки за слепи лица и за лица со делумно оштетен вид со тежина до седум килограми.
Зголемувањето на пакетските услуги како резултат на големата понуда на е-трговијата на глобално ниво одигра позитивна улога за давателите на поштенски услуги, придвижувајќи го обемот на пратки, особено во пакетскиот дел, во време кога има пад во делот на писмоносните услуги. Поради тоа, компанијата презема мерки во однос на реорганизирање на доставното подрачје, организира достава на пакетски пратки, пратки на брза пошта и останати пратки со содржина, стока на домашна адреса со возила.
Во овој контекст, сакам да напоменам дека заедно со Управниот одбор ставаме приоритет на проектот ПАК-или Поштенски адресен код, кој ќе овозможи ефикасна достава до врата. Примената на поштенскиот адресен код ќе овозможи врачување на пратките во пропишан рок, независно од честите промени на називите на улиците и постоење на улици со иста адреса во ист град или општина, а во тек се и реализации на други проекти, за подобрување на квалитетот на услугата.
Поради загуби во работењето и со цел да се овозможи поголема профитабилност Владата најави реструктуирање на Поштата, има ли конкретни активности за реорганизација на работењето со оглед на позитивните искуства на поштенските оператори во регионот?
Пошта е во постојана комуникација со Владата како оснивач на АД „Пошта на Северна Македонија“, што значи дека за сите одлуки коишто ќе бидат донесени за иднината на компанијата во делот на приватизација, односно јавното приватно партнерство, јавноста навремено ќе биде информирана. Во овој момент како менаџерски тим фокусирани сме на стабилизирање на Пошта.
Во претпријатието годинава имаше генерален штрајк по кој уследи најава за зголемување на платите, а синдикатите испорачаа редица барања за подобрување на условите за работа. Што е исполнето досега од ветеното?
Да, за жал, непосредно пред моето именување за генерален директор на Пошта се случи генерален штрајк. Сметам дека синдикалното организирање е од особена важност. Во Пошта има две синдикални организации со кои сум во постојана комуникација, затоа што само низ разговор и меѓусебен дијалог може да ги решиме напластените проблеми. Тие се рамноправен фактор во носењето на одлуки, кои се особено важни за вработените. Барањата за итно и неодложно линеарно покачување на нето платите на вработените во износ од 3000 денари кое беше проследено до Управниот одбор е усвоено, така што за поштарите и шалтерските работници тоа беше реализирано со платата од 1 јули 2022, а за администрацијата покачувањето е со платата од август 2022. Истовремено, Управниот одбор во соработка со двете синдикални организации работи и на реорганизирање на доставните подрачја, систематизацијата, како и на подобрување на условите за работа на вработените, набавка на мопеди и велосопеди и работни униформи за поштарите и шалтерските работници.
До каде се активностите за исполнување на обврските и условите за работа на Пошта на Северна Македонија во услови на целосна либерализација?
Либерализацијата на поштенскиот пазар е започната уште во 2002 година кога со Законот за поштенски услуги се спроведе либерализација на поштенскиот пазар за пратки над 350 грама, што значеше усогласување на националната регулатива со Директивата 97/67/ЕС. Со Законот за поштенски услуги од 2008 година и Законот за поштенските услуги од 2010 година, кои претставуваат усогласување на националната регулатива со Директивата 2002/39/ЕС продолжи започнатиот процес, со либерализација на поштенски пратки со маса над 100 односно над 50 грама.
Поштенскиот пазар во Република Северна Македонија до 1 јануари годинава беше делумно либерализиран односно постоеше резервиран дел за давателот на универзална услуга – АД „Пошта на Северна Македонија“ само за пратки за кореспонденција (писма и поштенски картички) до 50 грама со ексклузивно право само во однос на цената. Ексклузивното право не ги исклучуваше другите оператори на поштенскиот пазар во извршување на овој вид на услуги. Имено, истите имаа право да ја извршуваат и резервираната поштенска услуга, но со цена најмалку два и пол пати повисока од цената по која давателот на универзалната услуга ги обезбедуваше пратките од резервираниот дел.
АД „Пошта на Северна Македонија“ во изминатиот период работи на веќе либерализираниот пазар и сметам дека најголема предност за компанијата пред останатите даватели е распространетата поштенска мрежа на целата територија на државата. Со оглед на тоа што се работи за категорија на услуги (писма и поштенски картички) која и на глобално светско ниво е во опаѓање, и за истата нема голем интерес од страна на останатите даватели на поштенски услуги, останува борбата на поштенскиот пазар за пакетските услуги и услуги на е – трговија кои од 2002 година се на слободен пазар.
Што покажуваат податоците за обемот на пратки и времето на достава во внатрешниот поштенски сообраќај, се одразува ли продолжената ковид пандемија и тековната економско енергетска криза на обемот на работа, како и на цените на услугите?
Продолжената ковид пандемија и тековната економско енергетска криза се одразуваат во сите сфери на живеењето и невозможно е тоа да не се одрази и во поштенскиот сектор. Како последеица на тоа се случува пад во приходите како во внатрешниот така и во меѓународниот поштенски сообраќај. Компанијата во своето работење остварува приходи од поштенски и финансиски услуги во внатрешен и во меѓународен поштенски сообраќај.
Приходите од поштенски услуги во внатрешниот сообраќај во првите три месеци од годината изнесуваат 212 милиони денари, а во делот на меѓународниот сообраќај приходите за првите три месеци изнесуваат 47 милиони денари, односно структурата на приходите во првите три месеци се: 83 проценти се приходи од поштенски услуги, 13 проценти се приходи од финансиски и 4 проценти од приходите се од хибридна пошта и други услуги.
Во првиот квартал од годината состојбата во пакетскиот дел останува непроменета, но интензивно работиме на носење нови клиенти, а финализиран е и договор со еден од нив. Очекувам позитивен тренд.
Сакам да напоменам дека со постојната законска регулатива има предвиден начин на финансирање на загубите од обезбедувањето на универзалната поштенска услуга преку компензациски фонд кој сé уште не е воспоставен од страна на регулаторното тело. Вака утврдениот начин на покривање на загубите од обезбедувањето на универзалната услуга е многу ретко применлив во земјите членки на Европската Унија иако е законски утврден, но на поинаков начин од кај нас. Имено, со оглед на тоа што се работи за услуга од јавен интерес значителен дел од државите членки на Европската Унија предвиделе различни облици на државна помош, што не е случај и со нашето законодавство. Поради тоа, неопходни се измени во нашата законска регулатива, каде ќе се уреди начинот на покривање на загубите кои произлегуваат од обезбедувањето на универзалната услуга како услуга од јавен и економски интерес, со што ќе се обезбеди непречено обезбедување на универзалната услугата на цела територија на државата, односно, и во рурални средини каде обезбедувањето на истата во континуитет креира загуби за Пошта.
Сакам да истакнам дека АД „Пошта на Северна Македонија“ и покрај загубите има обврска да го финансира работењето на Агенцијата за пошти, согласно Законот за поштенските услуги. Имено, надоместот што го плаќа друштвото во 2021 година изнесува 22,4 милиони денари што претставува над 90 проценти од трошоците на Агенцијата за пошти. Сето ова укажува на големиот товар што го поднесува давателот на универзална услуга во споредба со другите даватели на поштенски услуги, кои имаат незначително учество во финансирањето на работењето на Агенцијата за пошти.
Што презема Пошта за да одговори на промените на потрошувачките навики во услови на се поголем раст на е-трговијата, какви новини може да се очекуваат?
Точно е дека потрошувачките навики постојано се менуваат. Од тие причини и ние се менуваме заедно со нив, следејќи ги трендовите на нашите корисници. Соработуваме со голем број е-трговци кои своите производи ги продаваат преку онлајн платформи на домашниот, но и на странскиот пазар. Оваа соработка е поинтензивна по ковид пандемијата, која отвори можност за раст и развој на е-трговијата. Токму на барање на корисниците, во фаза на изработка е веб апликација, која ќе им овозможува на е-трговците брз, едноставен и сигурен пристап до услугата за достава на нивните производи до купувачите, како и следење на пратките во секој момент.
Наплата на производите од купувачите и уплатата на сметка на корисникот се врши на сигурен и безбеден начин, со почитување на сите законски прописи, со што, нашите корисници се заштитени од ризикот на сивата економија. Во овој дел сакам да истакнам дека Пошта на Северна Македонија соработува со најголемите светски платформи за е-трговија (aliexpress, alibaba и сл.), а нарачаните производи од овие платформи ги доставуваме до крајната адреса, односно до нашите корисници.
Во извештаите на регулаторот континуирано се бележат поплаки и претставки за услугите на поштенскиот пазар. Како стоите во тој дел од почетокот на годинава и излегување во пресрет на оштетените корисници?
Искрено, бројот на поплаки и рекламации е незначителен во однос на обемот на пратки кој се обезбедува преку АД „ Пошта на Северна Македонија“. Но, во согласност со Законот за поштенските услуги, компанијата презема одговорности за настаната штета.