„Во рамки на македонската поставка, покрај поединечните наоди „Олтарот-жртвеникот од Врбјанска Чука” од Прилеп; „Скиптарот од Шуплевец” од Битола, изложени се и сите 17 бронзени предмети од интактниот гроб 111, т.н. гробот на „Дамата од Милци”, откриен во 2014 година на некрополата Милци кај Гевгелија“, посочува за весникот ВЕЧЕР археологот Бобан Хусеновски од Гевгелија

 

Во третиот и последен турнус на гостувања, меѓународната археолошка изложба „Првите кралеви на Европа”, во кои се поместени и артефакти од македонските локалитети Врбјанска Чука, Шуплевец и Милци, се претставуваат во Канада, а домаќин на изложбата е Историскиот музеј на Канада во Гатино. Музејот во Гатино е основан од страна на Геолошкиот институт на Канада во 1856 година, а во 1910 година со проширувањето на дејноста, додаден му е и антрополошкиот оддел. На денешната локација, покрај самиот брег на реката Отава, преселен е во 1989 година.

Инаку, изложбената турнеја на „Првите кралеви во Европа“, за која информиравме минатата година во весникот „ВЕЧЕР“, почна во 2022 година во Институтот за проучување на старите култури во Њујорк, а потоа во 2023 година беше десет месеци поставена во Филдовиот музеј во Чикаго.

Со последното гостување на северноамериканскиот континент, „Дамата од Милци” во Канада ќе остане сè до јануари 2025 година, кога е планирано и свеченото затворање на изложба.

Во рамки на македонската поставка, покрај поединечните наоди „Олтарот-жртвеникот од Врбјанска Чука” од Прилеп; „Скиптарот од Шуплевец” од Битола, изложени се и сите 17 бронзени предмети од интактниот гроб 111, т.н. гробот на „Дамата од Милци”, откриен во 2014 година на некрополата Милци кај Гевгелија.

Со поглед од дома, можеме да извлечеме одредени заклучоци за успехот на презентацијата на оваа дестинација. Според пристигнатите информации, посебно на фото и видео материјалот од отворањето на 5 април 2024 година, изложбата во Историскиот музеј на Канада во Гатино на публиката и стручната јавност претставена е со изменет наслов „Првите благородници на Европа”.

Во основа се работи за истата изложба, која во 2023 година беше отворена во Филдовиот музеј од Чикаго. Малата измена во насловот го менува и социјалниот дијапазон на носителите на индикативните манифестации врз кои почива самата идеја на проектот. Но, веројатно дека од страна на матичниот носител на дозволата за увоз – Филдовиот музеј од Чикаго, последниот презентер – Историскиот музеј на Канада не бил условен со прифаќање на изворниот наслов на изложбата.

Како и да е, пристапот кон пристигнатите национални колекции на музејски предмети од сите учесници, посматрано од музеолошки аспект, претставени се во репрезентативно руво.

Кога се работи за поединечни предмети, како што се и нашите два предмета од Прилеп и Битола, поставени се во витрини каде што сами или во контекст со други културно и хронолошки блиски наоди, ја раскажуваат „историјата” на своето потекло, функцијата и културната провениенција.

Што се однесува до гробните целини, каква што е „Дамата од Милци”, поради својата референтност во науката и на изложбата, претставени се на повеќеслоен начин, во обид на посетителот да му ги пренесат обичајните околности при погребувањето, односно изворната состојба на телото при откривањето. Со оглед, како што кажавме дека оваа статија ја правиме “со поглед од дома”, повеќе ќе се осврнеме кон нашата „Дама од Милци”.

Пристапот кон гробни целини на изложбата, пред сè е фокусиран на изворниот археолошки контекст, положбата на телото и прилозите на и покрај покојничката, врз чиј цртеж се поставени оригиналните гробни прилози. До стаклената витрина (во улога на „сандак-циста”), поставена е илустрација на која е претставена идеална реконструкција на покојното лице во натприродна големина. На неа доминира личниот накит, култните бронзи, а посебно уникатната култна палка, односно статусните симболи со кои оваа покојничка се издвојува од сите други пронајдени во Гевгелија и идентичниот културен простор во Долно Повардарје, поврзан со железното време. Да нагласиме уште еднаш, во цистата во која е откриена „Дамата од Милци” и која е датирана во почеток на VII век пр.н.е., за прв пат е откриена култна палка во изворна положба, статусен и култен симбол на пајонското верување во Сонцето, споменато во античките извори.

Валоризацијата на нашето културно наследство на меѓународен план, во случајов во престижни музејски институции на североамериканскиот континент, проследена со позитивни реакции на посетителите и стручните работници, нѐ обврзува, уште еднаш да се преиспитаме дали доволно го познаваме и соодветно се грижиме за него.

Веруваме дека до враќањето на „Дамата од Милци” во НУ Музеј – Гевгелија, таа во рамки на законската процедура која е во тек, ќе биде прогласена за културно наследство од исклучително значење, како таква прва во својата матична установа и една од ретките во Република Македонија.

Бобан Хусеновски, археолог