Старт на Копа Америка со 100-та победа на Бразил

133

Со стота победа на Бразил во Копа Америка, што домаќините ја постигнаа на синоќешниот натпревар против Боливија со резултат 3-0, стартуваше годинешното фудбалско првенство на американскиот континент.

Бразил иако доминираше во текот на целиот натпревар, сепак поради големиот отпор на Боливија, првиот гол успеа да го постигне дури во 50. минута, и тоа преку пенал кој го реализираше играчот на Барселона Филипе Кутињо.

Истиот играч, само три минути подоцна беше автор на вториот гол за домаќините, но овој не од белата точка, туку со удар со глава по прецизно изведен центаршут од десната страна на играчот на Ливерпул Роберто Фирмин.

Третиот гол за Бразил за конечен резултат на натпреварот од 3:0, го постигна резервистот Евертон Соареш, кој мрежата на Боливија ја затресе по само една минута игра.

Инаку, Бразил ја предводи групата „А“, во која освен Боливија, се наоѓаат и репрезентациите на Перу и Венецуела, кои вечерва во 21 часот ќе ги одмерат силите на вториот натпревар од оваа група.