Во Венеција, Италија, денеска почнува 80. Меѓународен филмски фестивал, познат под називот „Мостра“, но годинава со помалку звучни имиња, поради штрајкот во Холивуд, и повеќе контроверзии поради изборот на филмови и режисери.
Без холивудските ѕвезди, 80-та „Мостра“ што ќе трае до 9 септември, ризикува да биде критикувана и поради тоа што ќе ги удостои Роман Полански и Вуди Ален, првиот осуден, вториот обвинуван за наводна сексуална злоупотреба. Се очекува поради изборот на контроверзните филмски режисери, овогодишното издание да се одвива во поинаква атмосфера, пишува францускиот весник „Фигаро“.
Филмот „Ферари“ на Мајкл Ман за основачот на познатата автомобилска марка, Енцо Ферари, годинава се натпреварува во конкуренција за главната награда „Златен лав“. Тој филм доби дозвола од американскиот синдикат да биде во конкуренција и поради ова е можно и дозволено присуството на Адам Драјвер и Пенелопе Круз, кои глумат во ова остварување.
На листата режисери, пак, се и Дејвид Финчер и Софија Копола. Претседател на жирито годинава е американскиот режисер Демиен Шазел.
Во рамки на 80. издание на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, светска премиера на 6 септември ќе има македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ во режија и по сценарио на Горан Столевски. Третиот долгометражен филм на Столевски ќе биде дел од натпреварувачката програма Хоризонти (Orizzonti). „Домаќинство за почетници“ ќе се бори за наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио, специјална награда од жирито и најдобра машка и женска улога. Филмот се занимава со универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале. Главните улоги ги толкуваат: Анамариа Маринка и Алина Сербан од Романија, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим од Македонија. Во споредните улоги се: Сара Климоска и Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово.
И македонската режисерка Теона Стругар Митевска се враќа во Венеција со својот најнов филм „21 Ден до крајот на Светот“. Остварувањето на Митевска ќе се прикаже во програмата „Денови на Авторите” која оваа година прославува 20 години од своето постоење, а е создадена од Италијанската асоцијација на режисери и автори. Селекторите на оваа венецијанска секција која го промовира авторскиот филм го вклучија “21 Ден до крајот на Светот“ во својата програма како неверојатно смел и искрен експериментален филм на автор кој секогаш изненадува.
„Сè започна за време на заклучувањето и изолацијата за време на Ковид. Мојот концепт беше едноставен: ќе бројам 21 ден напред, што е еднакво на 21 дневно размислување за мојот живот. Во тој процес, пишував, снимав и ја создавав мојата најлична работа“, изјави Теона Стругар Митевска за филмот. Како што посочи, пак, Лабина Митевска, продуцент на филмот, овој филм е експериментален личен дневник на Теона, создаден како комплетно независна продукција.
Во рамките на Фестивалот во Венеција, филмската режисерка Тамара Котевска, пак, е поканета на ексклузивниот настан „Lights Camera Impact“, да одржи свечен говор за филмовите што имаат моќно влијание и прават општествена промена. На настанот, таа официјално ќе ја најави и премиерата на својот нов долгометражен документарен филм, „The Walk“. Настанот ќе се случи на 1 септември, во 19 часот.