Стартува прогресивното оданочување, за опозицијата нов удар по џебот на граѓаните

387

Веќе нема рамен данок. Од почетокот на годинава почна да се применува Законот за личен доход според кој меѓу другото, на платите повисоки од 90.000 денари се плаќа повисок персонален данок.

Според Управата за јавни приходи, новиот Закон се однесува на доходот од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права, од продажба на сопствени земјоделски производи, од права од индустриска сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, од капитални добивки, добивки од игри на среќа, доход од осигурување и друг доход, без разлика дали е остварен во земјата или во странство. Така, за годишниот доход до 1.080.000 денари остварен од работа, од самостојна дејност, од авторски и сродни права и од продажба на сопствени земјоделски производи, се плаќа данок од 10 проценти, а на секој денар над таа сума 18 проценти. Единствена стапка од 15 проценти има за доходот од права од индустриска сопственост, од закуп и подзакуп, од капитал, капитални добивки, од добивки од игри на среќа, од осигурување и друг доход.

Од УЈП напоменуваат дека за платата за декември минатата година не важи прогресивниот данок, туку за неа важи единствениот данок од 10 проценти, како и личното ослободување.

Новата година почна со нов удар по џебот на граѓаните, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

– Заев ја третира буџетската сметка како своја лична банкарска сметка која ја користи за спроведување на свои лични хирови и исплата на партиските потрчковци. Парите од зголемените даноци, парите на граѓаните ќе завршат во џебовите на новите заменици директори во јавните претпријатија назначени по партиски клуч кои ќе ја чинат државата неверојатни 2 милиони евра. Парите од зголемените даноци ќе одат за поголемите плати на вицепремиерите, повисоки за 8 илјади денари, пари со кои голем дел од македонските граѓаните преживуваат во текот на еден месец, обвини партијата.