Стармер и официјално е новиот премиер на Велика Британија – работата на промените почнува сега, вети тој

96
Фото: EPA-EFE/TOLGA AKMEN

Лидерот на лабуристите Кир Стармер денеска официјално стана премиер на Велика Британија, откако кралот Чарлс Трети му го додели мандатот да формира влада во Бакингемската палата.

Лабуристите освоија 412 пратенички места на парламентарните избори, со што се вратија на власт по 14 години. Конзервативците паднаа на само 120 пратеници, додека либералдемократите со околу 70 пратеници постигнаа голем напредок.

Според формалната процедура, претходниот конзервативен премиер Риши Сунак му понудил оставка на кралот, кој потоа го поканил Стармер да ја формира следната влада.

Стармер потоа им изјави на новинарите пред влезот на премиерската резиденција на Даунинг стрит 10 дека народот на Велика Британија „одлучно гласал за промени и враќање на политиката на јавниот сервис“.

„Работата на промените започнува сега, и тие нема да бидат лесни“, рече Стармер.

Тој наведе дека е неопходно тула по тула да се градат училишта и прифатливи домови и да се обнови инфраструктурата, поради што е потребно „национално ресетирање“.

Стармер призна дека многумина се разочарани и цинични во врска со политиката и вети дека неговата влада ќе се обиде да ја врати вербата во влада која „ќе му служи на народот во мисијата за обнова на земјата“.

Тој и неговата сопруга Викторија беа пречекани пред резиденцијата со громогласен аплауз од граѓаните со кои се ракуваа.

На тоа место, два часа претходно, премиерот во заминување Риши Сунак одржа проштален говор во кој рече дека „ова е тежок ден, но ја напуштам оваа работа по чест што сум бил премиер на најдобрата земја во светот. “