Поминувањето на граничниот премин Блаце на македонско-косовската граница со дипломатско возило, јавноста веднаш го поврза со веќе виден филм, кога тогаш улогата на бегалец ја имаше поранешниот премиер Никола Груевски. Но, за “новиот бегалец“ екс-вицепремиерот Артан Груби престојот во Приштина е приватна посета, а бегство за органите на прогон.
Според информациите, Груби, кој преку социјалните мрежи вети дека ќе се врати, ангажирал адвокат кој, пак, бил во Основното јавно обвинителство каде што се води истрагата, а во врска со предложените истражни мерки од страна на надлежниот обвинител за случајот „Државна лотарија“.
Според информации непосредно по објавата за истрагата, десет минути пред полицијата да дојде и да спроведе претрес, полициски крт е во дослух со осомничениот и тој излегува од земјава? Дека обрачот се стега околу Артан Груби беше јасно уште на 9 декември, кога САД го стави на црната листа по неколкумесечно прибирање на докази против него за значителна корупција. Како тогаш истражните органи повторно пропуштија „дипломатско“ бегство, ако за овој случај е познато и тоа дека Груби веќе бил на стоп листата на лица за кои има основано сомнение? Министерот за полиција Панче Тошковски објасни дека осомничениот излегува откако му е вратена патната исправа од страна на граничниот полицаец. Најави истрага за како што рече пропустите.
„Сторени се пропусти од граничната полиција, се води темелна истрага и не би сакал да претпоставувам како ќе заврши постапката за тоа. Лично сметам дека не е постапено согласно со процедурите и сторена е грешка при вршење на задолжителни прегледи, изјави Тошковски.
Така наречената „стоп-листа“ е поставена во системот на граничната контрола по барање на нашите институции и тука се наоѓаат лицата за кои истражните органи имаат основано сомнение, ама и лицата кои се бараат од Интерпол, вели националниот координатор за гранично управување Владимир Пивоваров и поранешен разузнавач.
„Барањето одредено лице да се стави на стоп-листа е во реално време, односно штом ќе се добие барањето тие го ставаат лицето веднаш. Точното време на ставање на листата е познато како и времето на пропуштање и може да се спореди, тоа значи кога вие ќе дојдете на граничната линија и приложите пасош, веднаш се крева стоп-листата ако сте на неа и тоа значи му пишува на полицискиот службеник како да постапи, кого да го извести и тоа е протокол потпишан од министерот за внатрешни и полицаецот е должен да постапи по него. Непостапувањето, ако се спореди времето, во таква ситуација е кривично дело, објаснува Пивоваров и открива дека ова не е прв случај во кој службеникот повторно ќе заврши со дисциплинска.
„Стара е финтата дека системот паднал, системот според она што ми го објаснија информатичарите, кога паѓа тоа е на целата територија на државата, не може само на еден премин. Сите технички проблеми од типот паднат-непаднат веднаш се регистрираат во базата. Системот остава трага ако има технички проблеми, па изговор е немал системот сигнал. На стоп-листата се наоѓаат и лица барани од меѓународни истражни служби, па ако излезе дека било грешка, вие државата ја симнувате на ниво на село без кучиња, вели Пивоваров.
Артан Груби ја помина границата и влезе во Косово како совозач во дипломатско возило на почесен конзул, објавија медиумите. Полицијата има сознанија, кусо одговори министерот Тошковски, почитувајќи го начелото на пресумпција на невиност, а детали откри и премиерот Мицковски во гостувањето на ТВ 21.
„Мојата последна информација е дека подолго време поранешниот прв човек на ‘Лотарија на Македонија’ не се наоѓа на територијата на нашава земја, а дека поранешниот потпретседател на Владата заедно со уште едно лице, стопанственик, во возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија, и последно се упатил кон нашиот северен сосед Косово. Тоа е последното со кое јас располагам како информација”, рече премиерот.
Дека бегството под дипломатски превез е полесно, пишува и во меѓународните документи во кои стои дека возилата не подложат на прегледи, само доколку домашните институции имаат сознанија за сторено кривично дело и за тоа мора да биде известена амбасадата од каде што доаѓа претставник да биде присутен за време на проверка на возилото. Да не бега и да се врати во земјава го повикаа од ВМРО-ДПМНЕ.
„8 милиони евра е криминалот во АД Лотарија на Македонија, во кој главни актери се Артан Груби како вицепремиер и Прпарим Бајрами како директор на Лотарија. И Груби и Бајрами се кадар на ДУИ, кои додека ја краделе државата по потреба еднаш беа зелени, па Европејци, па сееја раздор за етнички тензии. Во принцип само менуваа маски за да крадат, изјави Миле Лефков на прес-конференција
Освен Артан Груби, во бегство веќе подолго време е и екс-директорот на Лотарија Прпарим Бајрами кој е првоосомничен за незаконските набавки на ВЛТ-апарати во државната Лотарија. И за него се претпоставува дека е во Косово, за двајцата е побарано од обвинителот веднаш да се уапсат кога ќе стапнат на македонска територија и ќе одговараат за кривичното дело проневера во службата.
„Првоосомничениот ги донел потребните одлуки, биле спроведени јавни набавки и се склучиле договори со кои е преземена обврска во вкупен износ од 501.319.119 денари за набавка на видеолотариски терминали кои согласно закон воопшто не смееле да се употребат за приредување електронски игри на среќа. И покрај набавката, тие никогаш не биле ниту ставени во употреба. Второосомничениот, иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека „Државната лотарија” нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6.6.2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка, со деталите излегоа од ОЈО Скопје.
Осомничени се и членовите на комисијата за јавни набавки и за нив кривичниот суд определи мерки одземање на пасош и да се пријавуваат во судот. Во кривичната пријава на полицијата доставена за работа во ОЈО Скопје опфатени се осуммина, меѓу кои и иницијалите на екс-премиер.
Кривичните за екс премиерот и поранешниот генсек не се отфрлени
Републичкото јавно обвинителство излезе со појаснување во кое се вели дека поранешен премиер и ексгенерален секретар на Владата не се опфатени во истрагата за случајот „Лотарија“, но и дека кривичната пријава поднесена против нив не е отфрлена и се однесува за други дејствија во Лотарија. Забуната во јавноста настана бидејќи МВР во конкретниот случај поднесе кривични пријави против осум лица, а Обвинителството соопшти дека е отворена истрага за шест осомничени за кривични дела со кои е предизвикана штета на државниот буџет од шест милиони евра. За кривичната пријава за поранешен премиер и генерален секретар за сторени кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот во случајот Лотарија, на прес-конференција информираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.(П.А.)