Стаматоски: Преоблечени во германски униформи го ослободувавме Скопје стан по стан, педа по педа!

245

Тоа пред 75 години беше прво вистинско ослободување на нашиот главен град и тоа со сопствени сили. Сите дотогашни ослободувања низ вековите беа само промена на една туѓа со друга туѓа власт, раскажува Трајко Стаматоски, претседател на Градскиот одбор на Сојузот на борци кој за весникот „Вечер“ евоцираше спомени од дводневните жестоки борби на 13 и 14 ноември 1944 година за ослободувањето на Скопје

 

Скопје утре одбележува 75 години од ослободувањето и воедно се сеќава на најзаслужните за тоа што овој град стана најголем стопански, трговски, но и општествен центар во земјава. Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци, Трајко Стаматоски раскажува за борбите кои на 13 и 14 ноември, токму пред 75 години се воделе за главниот град.

– Добро се сеќавам на тие моменти, бидејќи мојата „16. Македонска бригада“ беше вклучена во битката за ослободување на градот. Освен оваа, товарот го носеше и „12. Скопска бригада“, во најголем дел составена од ентузијасти, скопјани, пред сè млади луѓе, но и „Третата кумановска бригада“ која имаше богато борбено искуство стекнато од Првиот кумановски одред и другите борбени единици од тој крај – раскажува Стаматоски.

Тој се сеќава дека неговата „16. Македонска бригада“ имала задача да го попречува извлекувањето на останките од германскиот окупатор.

– Тогаш единствен можен пат за извлекување беше тој што минуваше низ Качаничката клисура. „16. Македонска бригада“ ги напаѓаше германските колони и исто така касарните кои беа во близината на тој пат. „Осмата велешка бригада имаше задача да го спречи влегувањето во Скопје на единиците од преобразената бугарска армија. Далекусежна беше мислата на генерал Михаило Апостолски -командант на Главниот штаб на НОВ, да се спречи влегувањето во Скопје на овие единици, така што нашите единици веќе го беа ослободиле речиси целото Скопје -вели Стаматоски.

Тој раскажува дека во градот имало десетина главни упоришта што ги држеле Германците. Меѓу другите тоа биле: Железничката станица, Офицерскиот дом, Женската гимназија на местото каде што денес е Владата, пред споменикот на ослободителите, а најтешките борби се воделе во зградата на Учителската школа која била лоцирана кај паркот во Идадија. Големи битки се воделе и на Водно и Матка.

– Се разбира, борби се водеа  и за други упоришта, како што е училиштето „Гоце Делчев“, што се наоѓаше на аголот кај зградата на Друштвото на писатели, за зградата на Радио Скопје, што беше во близина на училиштето „Гоце Делчев“ и други упоришта. Во некои од овие објекти борбите се водеа од една соба во друга, од еден кат во друг – вели Стаматоски.

Тој продолжи опишувајќи како во Женската гимназија која била на четири ката, борците се служеле и со итроштини пресоблекувајќи се во германски униформи, само за да победат. Најтешките борби се воделе во Учителската школа, каде што бил скршен отпорот на Германците.

– Воопшто не беа лесни овие борби. За два дена 400 борци како влог ги дадоа своите животи за ослободување на самиот град. Тоа е влогот за слободата на Скопје. Тоа беше прво вистинско ослободување на нашиот главен град и тоа со сопствени сили. Сите дотогашни ослободувања низ вековите беа само промена на една туѓа со друга туѓа власт – потенцира Стаматоски.

Во еуфорија на ослободено Скопје жените излегувале на улиците и ги пресретнувале борците со цвеќиња и по стариот обичај, со леб и сол, а потоа следувала и општа веселба на плоштадот, по кој парадирале партизаните.

Возобновена бистата на првоборецот Дамјан Крапчев-Стари

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов, во присуство на претставници од Градскиот одбор на Сојузот на борците, и членови на семејството денеска со свечен говор ја промовираше возобновената биста на Даме Крапчев.

– Оваа биста која стоела со години , а за жал беше и оштетена од вандали сега е обновена. Со тоа ја покажуваме нашата почит кон оние што со своите жртви ни го овозможија нашиот слободен живот. Тоа треба да се цени – изјави Шилегов кој повика денешниот ден достоинствено да го одбележиме.

Претседателот на Градскиот одбор на Сојузот на борци, Трајко Стаматоски потенцираше дека се работи за една ретка личност од нашето народноослободително движење.

– Даме Крапчев не е обичен борец, ниту обичен првоборец. Тој е една ретка фигура во нашето народноослободително движење. Познавам многу првоборци. Даме Крапчев е еден од поретките кој целиот свој револуционерен живот го помина со пушка в рака. Својот револуционерен живот го почна со првите диверзантски акции на првите диверзантски групи уште пред формирањето на Првиот скопски партизански одред. Не случајно беше избран за политички комесар на одредот – раскажа Стаматоски.

Псевдонимот – Стариот, Даме Крапчев го добил зошто бил најмалку десет, па и повеќе години постар од сите учесници во Првиот партизански одред. Тој е роден 1912 година, а учесниците во Првиот партизански одред биле родени во 1920, па и 1926 година.

Тој бил студент на Правниот факултет во Белград, каде го добива своето револуционерно искуство, а тоа е времето уште пред да дојдат на тој факултет и Мирче Ацев и Страшо Пинџур.

– Но, тоа не ја намалува неговата заслуга за ослободувањето на Македонија, а особено за ослободувањето и развивањето на Скопје – заклучи Стаматоски.

Пред бистата на Даме Крапчев венци со свежо цвеќе поставија делегациите на Градскиот одбор на Сојузот на борци и на Град Скопје, на чело со скопскиот градоначалник и претседателката на Советот на Град Скопје.

(А.П.)