ССМ ќе бара во недела да работат пратениците кои најавија измени на Законот за трговија

15

Сојузот на синдикати на Македонија денеска соопшти дека ќе поднесе иницијатива до Собранието да се донесе законско решение со кое ќе им овозможи на пратениците, кои најавија дека ќе поднесат измени на Законот за трговија, да работат во недела.

– Ќе побараме од пријателот на работниците, претседателот на Собранието Талат Џафери да го стави таквиот предлог по скратена постапка на собраниска седница и ќе ги повикаме сите пратеници да им го овозможат правото на дополнителна работа во недела на пратениците од политичката партија која размислува да поднесе Предлог – закон со кој сака да им го скрати тоа право на работниците, наведува ССМ во денешната реакција.

Со ова, велат од ССМ, ќе им се овозможи на пратениците кои сакаат да поднесат измени на Законот за тровија, да видат како е да се работи во недела.

– На таков начин ќе им се овозможи на пратениците подносители на Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за трговија, да работат во недела во туристичките центри и на своја кожа да почувствуваат како им е било на работниците од трговијата, кои не знаеја ниту за викенд, ниту за празник ниту за неработен ден. А, работниците кои одмараат во недела, со задоволство ќе ги посетат пратениците кои ќе работат трговија во туристичките центри да пазарат кај нив, стои во реакцијата.

Од ССМ потсетуваат дека измените на Законот за трговија, со кои недела се прогласи за неработен ден, се донесени врз основа на темелна анализа.

– Притоа со законските измени, Сојузот на синдикатите на Македонија и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови со закон да работат, предвидена е и можноста за работа на моловите, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, како и предвидена е можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалоци и слично, работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците. На овој начин сметаме дека се покриени сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги, со тоа што потсетуваме дека овие работници кои ќе бидат ангажирани за работа во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата, нагласуваат од синдикатот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе поднесат Предлог-закон за измени на Законот за трговија бидејќи според нив со постоечките измени и е нанесен тежок удар на туристичката и трговската дејност, а во недела и за празник има најголема фреквенција на купувачи во туристичките места.