Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ не отстапува од барањето јануарската минимална плата да се зголеми на 60 проценти од просечната плата во државата, односно од 15.200 на 18.000 денари.
Неисполнувањето на ова барање кое сакаат да важи од 1 јануари, за синдикалците ќе биде причина за организирање генерален штрајк.
Дарко Димовски, претседател на ССМ изјави дека штрајкувачките одбори веќе работат на организација на најавениот штрајк, кој за разлика од синдикалниот протестот одржан на 12 декември, ќе биде во работен ден, помасовен и ќе го попречи работењето и на приватните компании и на јавните служби.
Мотив плус да се опстои на ова барање за ССМ е предновогодишното зголемување на цената на струјата за домаќинствата и на парното, кое сегашната плата од 15.200 денари не може да го издржи.
Освен раст на минималната плата, за што Синдикатот до Собранието поднесе предлог за измена на Законот за минимална плата, во барањето е содржано и спирално зголемување на останатите плати.
По реализацијата на барањето за недела неработен ден, останаа неостварени уште две синдикални барања – за зголемување на минималната плата, но и К-15 за сите административци. Средба со надлежните во државата на која треба да се дадат пресметките е закажана за 20 овој месец, а ако исходот не е во согласност со поставените барања, од ССМ се категорични дека по 20 јануари ќе ги повикаат работниците од целата држава на генерален штрајк.
(С.В.)