Срцевите болести се најчест коморбидитет кај лицата кои починале од ковид. Последната статистика на Институтот за јавно здравје заклучно со 29 ноември покажуваат дека 69,5% од починатите од ковид-19 во Македонија биле со претходни заболувања.
“Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=1.345) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 350,9/100.000 жители.
До истиот период, регистрирани се 1.131 смртни случаи кај лица од машки и 632 кај лица од женски пол.
Од починатите, кај 1.226 (69,5%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=937), дијабет (n=437) и белодробна болест (n=196).
Според истата статистика, до крајот на ноември 104 лица починале од ковид-19 надвор од болница.
Во ковид-центрите во Скопје до петокот беа хоспитализирани 443 пациенти. Во петокот хоспитализирани беа 43 нови пациенти, а отпуштени се 39 оздравени, информираат Министерството за здравство.
Најмногу пациенти се хоспитализирани на Инфективната клиника – 151 и во Градската општа болница „8 Септември“ – 104.
Во Детската болница во Козле има 34 пациенти, од кои 4 деца и 30 возрасни.
На интерните клиники, пак, заклучно со петок, состојбата е следна: на Институтот за ТБЦ има 43 пациенти, на Клиниката за неврологија 30, на Нефрологија 25, на ОРЛ 22, на Кожната клиника 21, а на Клиниката за очни болести 13 пациенти.
Министерот за здравство Венко Филипче неодамна рече дека вакцините во Македонија се очекуваат во март и дека веќе се работи на групите на граѓани за кои ќе има препорака да ја примат оваа вакцина.
Од сојузот на здруженија на пензионери апелираа приоритет при вакцинирањето против ковид-19 да имаат пензионерите, како најранлива категорија лица со хронични болести и намален имунитет.
-Во име на над 300.000 возрасни луѓе во нашата земја апелираме пензионерите да имаат приоритет за вакцина против ковид-19, како што е во сите земји во опкружувањето и пошироко во целиот свет, се вели во денешното соопштение од Сојузот.
Пензионерите, потенцираат од Сојузот, се најранлива категорија бидејќи голем број од нив се со хронични болести и намален имунитет.
Македонија со 887 смртни случаи на еден милион жители се искачи на 7-мото место по смртност од коронавирус во светот.
После Македонија, од регионот на 10 место се наоѓа и Босна и Херцеговина со 859 починати, додека пак Црна Гора е на 14-то место со 822.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата, а заклучно со четвртокот изнесува 65.231, бројката на оздравени пациенти е 41.656, на починати е 1.847, а бројот на активни случаи изнесува 21.728.