„Српски телеграф“: Функционери на партијата на Вучиќ „шуруваат“ со опозицијата

64

Дваесетина високи функционери на владејачката Српска напредна партија (СНС) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ „шуруваат“ со опозицијата, со цел да ги задржат своите позиции доколку дојде до промена на власта во земјата, тврди белградскиот весник „Српски телеграф“.

Весникот, повикувајќи се „извор од врвот на партијата“, наведува дека станува збор за 11 членови на Претседателството на СНС и за 12 директори на јавни претпријатија и локални функционери.

– Многу набрзо, ќе се одржи состанок на партиските органи, па убаво ќе седнеме, ќе се погледнеме во очи и ќе разговараме. Да видиме кој тоа седи на две столици, кој занемува кога Александар Вучиќ е под рафален оган на опозицијата или е на удар на разни фронтови додека се бори за Космет, вели изворот за „Српски телеграф“.

Тој наведува дека врвот на СНС има прецизни податоци и поименично знае „кој со кого кова планови“. Според него, станува збор за лица, меѓу кои и некои на важни државни функции, дирекотри на јавни претпријатија и „локални шерифи“, кои се во контакти со лидерите на опозицијата со цел доколку е потребно, да бидат во можност „да го променат дресот и да ги зачуваат фотелјите и привилегиите“.

– Кога се ќе се собере, се работи за 23 лица кои на големо прават договори со опозицијата, а некои од нив и со претставници на странските амбасади. Тие предавници заборавија дека се што имаат добија благодарение на Вучиќ и довербата што нему му ја укажуваат граѓаните на сите нивоа, вели изворот за весникот.

„Политика“ пак тврди дека најавите оти напролет во Србија најверојатно ќе се одржат предвремени парламентарни избори, предизвикуваат загриженост кај одделни функционери на СНС, бидејќи знаат дека пред излегување на гласање можно е „проветрување“ на партиските редови.

– Тоа е причината поради која од почетокот на декември тие се обидуваат да најдат „комбинација“, да го променат дресот и да преминат во опозициските редови. На тој начин својата евентуална смена во општинските власти би ја окарактериизрале како политичка одмазада. За да се заштитат од смена, тие се обидуваат да стапат во контакт и со одделни западни амбасадори, наведува „Политика“.