Во рамките на драмскиот проект “Наша вечер во Охрид“, како дел од програмата на „Охридско лето“, познатиот српски актер Иван Босиљчиќ ги интерпретираше стиховите на најголемите светски автори Бодлер и Есенин, на српските поети Алекса Шантиќ и Милан Ракиќ, но и на македонските великани Блаже Конески и Анте Поповски… „Тој потврди дека уметноста е бесмртна и буди благородни чувства“, велат од „Охридско лето“. Самиот Босиљчиќ, пак, потврди дека ваквите проекти се извонредно прифатени од страна на публиката во регионот, но и пошироко

 

Познатиот српски актер Иван Босиљчиќ, миленик на припадничките на понежниот пол, завчеравечер уште еднаш ја одушеви публиката, овој пат присутните на “Долни Сарај“ во Охрид. Во рамките на драмскиот проект “Наша вечер во Охрид“, како дел од програмата на “Охридско лето“, тој ги интерпретираше стиховите на најголемите светски автори, на Бодлер, Есенин, на српските поети Алекса Шантиќ, Милан Ракиќ, но и на македонските великани Блаже Конески и Анте Поповски.

“Поезијата интерпретирана од Босиљчиќ претставуваше едночасовна исповед на љубовта кон животот, жената, детето, кон бога… Тој потврди дека уметноста е бесмртна и буди благородни чувства“, велат од “Охридско лето“.

Босиљчиќ со својата срдечност, почитта кон публиката и космополитизмот покажа дека уметноста не познава граници. А публиката и овој пат не го штедеше аплаузот за да го награди омилениот актер за извонредната вечер која им ја приреди заедно со двајца исклучителни мајстори на гитара, Горан Ковачиќ, кој е професор по класична гитара од Белград, и Зоран Стојановиќ, исто така професор по гитара, кој со години живееше во Португалија и свиреше заедно со најголемите фадо ѕвезди. Босиљчиќ ја израдува публиката и со изведбата на неколку музички нумери, меѓу кои и на „Тајно моја“ од Тоше Проески.

Тој самиот, пак, потврди дека ваквите проекти се извонредно прифатени од страна на публиката во регионот, но и пошироко.

„Јас веќе една деценија ги правам овие авторски програми каде ги потсетувам луѓето дека сè уште постои поезијата и оти поезијата и тоа како е вибрантна во ова време на прегласна музика каде е тешко да се вратите повторно. Она што е специфично за оваа програма е тоа што публиката секогаш се враќа назад. Луѓето доаѓаат во Белград од целиот регион, и знам дека и луѓе од Србија беа на „Охридско лето“. Патувавме до Исланд и таму најдовме наши луѓе. Правевме големи турнеи низ Канада и Европа и секогаш ни доаѓаше публика што реагираше бурно и емотивно“, истакна Босиљчиќ.

Тој додаде дека и “Охридско лето“ е негова голема младешка љубов и дека тука гостувал пред 15-ина години со Белградскиот театар на Теразија и претставата „Циганите летаат на небо“.

“Таа година претставата ни донесе победа во драмска категорија. Многу добро се сеќавам дека средбата со македонската публика во Охрид и амбиентот на охридскиот амфитеатар ми беше нешто потполно ново во кариерата и остави големи траги врз мене. Кога се вратив во театарот како да се вратив во кутија и засекогаш го запаметив отвореното небо над кое играв во Охрид“, се присети српскиот актер, чиј настап присутните посакаа да трае што подолго.

 МНТ ја предаде бистата на Ана Липша-Тофовиќ на „Охридско лето“

Вчера, на денот кога оперската примадона Ана Липша-Тофовиќ во 1961 го означи почетокот на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, Македонски Народен театар на фестивалот му предаде биста на големата Липша Тофовиќ, излеана во бронза, дело на академик Димо Тодоровски, датирано во 1970 година, со наслов „Орфеј на Ана“. „Во договор со синот на Ана Липша-Тофовиќ, МНТ излеа, според оригинална гипсена биста три сигнирани копии во бронза од кои една е во сопственост на д-р Стефан Тофовиќ, една е дел од музејската поставка на МНТ, а една, од вчера е предадена на НУ „Охридско лето“. Ликот на Орфеј во „Орфеј и Евридика“ на Кристоф Вилибалд Глук е желба на Ана Липша-Тофовиќ, која во 1950 година премиерно ја изведува на Операта при МНТ… “, рече Ивана Јарчевска, раководител на Музејот при МНТ. Според директорката Поповиќ, бистата претставува вреден спомен кој секогаш ќе потсетува на нејзиното дело и зборовите: „Да ни е вечно ’Охридско лето’“.

Чешка вечер со „Вихан“ квартетот

Во црквата „Св. Софија“ на 5 август со почеток во 21 часот, публиката ќе има можност да ужива во чешката вечер со „Вихан“ квартетот. Во 2015 година,  квартетот „Вихан“ прослави 30 години постоење и низ годините стана еден од најпризнатите гудачки квартети чија специјалност е изведба на дела од чешката музичка ризница, како и на дела од класичниот, романтичниот и модерниот репертоар за квартет. Нивното аудиоиздание со делата на Антонин Дворжак беше прогласено за „Снимка на годината“ на Мјузиквеб интернашнл, додека пак специјализираниот весник за класична музика Би-би-си Мјузик магазин нивната снимка на оп. 61 од Дворжак ја оцени како „Една од најдобрите снимени изведби на делото досега“. Добитници се на многубројни интернационални награди. (Д.Т.)