На музичко-поетската вечер во Битола, Босиљчиќ на извонреден начин ги спои стиховите со музиката, создавајќи перформанс кој ги воодушеви присутните. Тој рецитираше стихови на Есенин, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Бодлер… се ширеше фадо звук од гитара, се редеа песните „Душо моја“, „Не куни ме, не ружи ме, мајко“, „Вољело се двоје младих“, „Џипси сонг“, „Тајно моја“, „Очи черније“… а и ја испеа „Ако одам во Битола“ со битолската публика
Во Центарот за култура во Битола, присутната публика, не само од градот туку и од целата држава, во петокот вечерта со бурни аплаузи, овации и враќања на бис го награди настапот на актерот Иван Босиљчиќ, кој приреди незаборавна вечер. Покрај тоа што глуми, пее и рецитира поезија, овој познат актер, миленик на жените од целиот регион, уште еднаш докажа дека знае да создаде атмосфера за незаборавен помин. Настанот во Битола беше спој на поезија и на музика, во една вечер што долго ќе се памети.
Босиљчиќ, кој повеќе од деценија доминира на ТВ-екраните, на филмското платно и на театарските сцени – интернационално, е роден во 1979 година, во Ужице, а на македонската публика ѝ е најпознат по улогите во сериите „Рањени орао“, „Грех њене мајке“, „Непобедиво срце“ и „Ургентни центар“.
Во последниве години, тој се проби и на рускиот пазар, каде што има одлична кариера. Инаку, во брак е со, исто така, познатата српска пејачка Јелена Томашевиќ.
Тој со голем успех ги претставува и своите авторски проекти за љубителите на поезијата и на музиката, а во Битола докажа дека умее да направи совршен спој во уметничка вечер што донесе возбудување на драмска претстава, но и на врвен музички настан, особен и ретко виден на нашите простори.
„Достоевски рекол, ‘убавината ќе го спаси светот’. Ако во овој тежок период сте си помислиле како да се спасиме, ова е еден од начините. Ова вечерва е ‘наша вечер’“, кажа Иван Босиљчиќ во Битола.
Инаку, интересот за музичко-поетската „Наша вечер“ на српскиот актер Иван Босиљчиќ беше огромен, а Центарот за култура го распродаде овој настан за само неколку часа.
На музичко-поетската вечер во Битола, Босиљчиќ на извонреден начин ги спои стиховите со музиката, создавајќи перформанс кој ги воодушеви присутните. Тој рецитираше стихови на Есенин, Анте Поповски, Алекса Шантиќ, Бодлер… се ширеше фадо звук од гитара, се редеа песните „Душо моја“, „Не куни ме, не ружи ме, мајко“, „Вољело се двоје младих“, „Џипси сонг“, „Тајно моја“, „Очи черније“… а и ја испеа „Ако одам во Битола“ со битолската публика.
„Каква ноќ беше ова! Битола и јас остануваме цврсто гушнати без разлика што сум отпатувал“, напиша српскиот актер по концертот, на социјалните мрежи.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски