EPA/PASQUALE GIORGIO

Еден од најдобрите забивачи во историјата на НБА лигата, Нејт Робинсон, помина 11 години во најсилната лига и импресионираше со своите експлозивност и агилност, што му овозможи со само 175 сантиметри да може да забива преку високите НБА-играчи. Тој три пати победи на натпреварот во забивање на ол-стар викендите, а најмногу се памети по раната ера во Њујорк никс, за кој играше од 2005 до 2010 година.

Денес, Робинсон има 39 години и сериозни здравствени проблеми. Уште во 2018 година ја заврши кариерата откако му откажа бубрегот. Шест години подоцна, во интервју откри дека сè уште бара донатор и дека редовно оди на дијализа.

  • Денес, сè уште барам бубрег. Одам на дијализа три пати неделно, по четири часа. Ми ја чистат крвта, ме чистат од токсините од телото и секој ден се чувствувам подобро. Тешко е, но во исто време ми се допаѓа предизвикот. Секој ден е нов ден за мене. Некои денови се полоши од другите, но сум благословен и среќен што сè уште сум тука, што сè уште можам да ги гледам децата и да ги правам работите што ги сакам – истакна Робинсон.

Тој играше во НБА-лигата од 2005 до 2016 година, а по Никс, играше и за Бостон, Оклахома, Голден стејт, Чикаго, Денвер, ЛА клиперс и за Њу Орлеанс, со просек од 11,0 поени на 618 натпревари. До 2018 година, играше кратко и во Израел, во Развојната лига и во Венецуела. Потоа потпиша за клуб во Либан, за кој никогаш не играше, бидејќи се повреди играјќи во БИГ3-лигата, во текот на летото.