Средството за прскање против комарци не е забрането за употреба од воздух

61

ДКСК ја донела одлуката по проверка на сите документи од надлежните институции и на оригиналната декларација на средството за дезинсекција во кое стои дека се препорачува за аплицирање од земја, но не дека е забрането од воздух

 

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) го отфрли сомнежот од анонимен подносител на пријава во која тврдел дека во Скопје се правела несоодветна дезинсекција, односно е прскано против комарци од воздух, со средство што е наменето само за аплицирање на земјена површина.

Антикорупциска утврдила дека нема изречна забрана за користење на средството од воздух. Софија Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, денеска на седница на Комисијата, соопшти дека, по пријавата, отвориле предмет за кој побарале и добиле документи од неколку институции со податоци и информации во врска со овие наводи: Град Скопје, Министерството за здравство – Сектор за хемикалии, Центарот за јавно здравје, Бирото за јавни набавки, како и независно стручно мислење од експерт од Природно-математичкиот факултет.

Таа рече дека ги проверувале и оригиналните декларации/упатства на средството употребено за дезинсекција и дека во нив не е наведено дека е забранета негова употреба од воздух.

– Не е потврдено дека средството мора да се аплицира по земја, а дека не може да биде за аеродезинсекција. Во ниедна декларација, никаде изречно не стои тоа. Постои дека се препорачува аплицирање од земја, но не дека е забрането од воздух – нагласи Пејовска-Дојчиновска.

Таа додаде дека треба да се има предвид и фактот дека Град Скопје има огромни површини за апликација на средството и поради тоа не е можно дезинсекцијата да биде само од земја.