„Викендов, заедно со нашите претставници, ќе решаваме и ќе одлучиме што ќе правиме од понеделник, дали ќе има бојкот, протест или ќе се вратиме на онлајн настава“, потврди за весникот ВЕЧЕР претседателот на Средношколскиот сојуз Бленди Ходаи. Дел од матурантите започнаа да ја бојкотираат онлајн наставата од првиот ден на второто полугодие (21 јануари) со што се приклучија на повикот на Средношколскиот сојуз кој побара од МОН матурантите за државна матура да полагаат два предмета: мајчин јазик и еден предмет што ќе биде од областа која матурантот планира да ја студира.
Запрашан за тоа кој е ставот на Средношколскиот сојуз за тоа дека сепак МОН им излезе во пресрет со тоа што државната матура ќе се полага по скратена методологија, Ходаи посочи дека скратена e содржината за полагање на државна матура само по четири предмети (македонски, хемија, физика и географија), а не по сите премети.
Инаку, Сојузот на средношколци во име на матурантите 2020/2021 деновиве до пратениците достави и писмо со барање за поддршка да полагаат два наместо четири предмети за државна матура, бидејќи МОН, како велат, ги игнорира и е децидно во одбивањето на каков било компромис по ова прашање. Доколку МОН не покаже добра волја, од пратениците Сојузот бара измени на Законот за средно образование што, како што наведува во упатеното писмо, е последниот демократски чекор, а во тој дополнет Закон „јасно ќе биде наведено дека одредбите се привремени, т.е. се однесуваат само за учебната 2020/2021 година“. „Ако дури и Вашата поддршка се покаже како залудна, единственото преостанато решение е Собранието да го измени Законот за средно образование, којшто МОН мора да го почитува“, пишува во писмото кое Сојузот го доставил до 85 пратеници по електронска пошта. Нивното барање за полагање два предмета Сојузот истакнува дека е целосно разумно и изводливо и смета дека нашето општество не смее да ги игнорира последиците на неквалитетната настава на далечина. „Дури и кога наставата од далечина би била беспрекорна, интеракцијата меѓу матурантите и професорите e значително намалена. Исто така, младите се гневни бидејќи генерацијата пред нив не полагаше матура, а продолжи во високото образование, па зошто би било поразлично за нив?“, пишува во писмото.
Со ресорната министерка, рече Ходаи, немале контакт од 20 јануари, односно ден пред да го почнат бојкотот.
Посочувајќи ја како пример Франција која, како велат, решила нејзините ученици да полагаат само еден испит по нивни избор, Сојузот посочува дека ја модифицирале одредбата за да биде испочитуван Уставот, односно задолжителното континуирано изучување на мајчиниот јазик, а матурантите сами да го изберат вториот испит според своите планови за студирање и побара МОН и Државниот испитен центар (ДИЦ) во март 2021 да објават и презентираат план и програма за тоа како ќе изгледаат скратените наставни програми и другите материјали за испитите.