Средношколката Милена Ангелова од Делчево освои два бронзени медали на Светската олимпијада по геонауки „IESO 2024“, која се одржа во главниот град на НР Кина, Пекинг.
Информацијата ја соопштија од гимназијата „Методи Митевски Брицо“ од Делчево кои на својата ученичка и нејзиниот ментор им посакаа уште поголеми дострели во иднина.
-Честитки за нашата ученичка Милена Ангелова, која освои два бронзени медали на Меѓународна олимпијада по геонауки. Имаме со што да се гордееме, ти посакуваме уште многу успеси и успешни приказни во иднина и достоинствено претставување на училиштето, општината и државата. Честитки до професорите ментори од ПМФ и професорката по географија Анета Николова –се вели во објавата на средното општинско училиште „Методи Митевски-Брицо“.
Македонското географско друштво претходно објави дека на Светската олимпијада по геонауки „IESO 2024“, македонскиот тим има неколку добитници.
-Медали освоија: Ивана Атанасоска од СОУ Гимназија „Мирче Ацев“, општина Прилеп, Милена Ангелова од СОУ „Методија Митевски Брицо“, општина Делчево, Михаела Павловска од СУГС Гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ , град Скопје и Атанас Ташкоски, СОУ „Наум Наумовски Борче“, општина Крушево.