Спречен шверц на дрога на границата со Грција во вредност од 200.000 евра

59

Доцна синоќа околу 23.30 часот од страна на полициски службеници на граничната полиција од Регионалниот центар Југ, во близина на местото викано Вршник Бара, непосредно покрај граничната линија со Република Грција, биле забележани две лица кои од територија на Република Северна Македонија исфрлиле две торби преку жичаната ограда на грчка територија, а потоа и самите ја преминале граничната линија.

Поради сомнение дека во торбите се пренесува марихуана, од страна на Регионалниот центар Југ во координација со Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, известени се Службата за дрога со седиште во Килкиз и грчката гранична полиција и како резултат на заедничките и координирани активности на полициските службеници од двете земји за кусо време се пронајдени двете торби во кои биле сместени околу 40 килограми марихуана, а малку подоцна се лишени од слобода се В.Х.(36) и Е.Џ.(52), двајцата државјани на Република Албанија. Двете лица од страна на грчката полиција се задржани за понатамошна постапка и против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Ова е втора ваква заедничка акција од почетокот на август помеѓу двете полиции, при што и во првата беше спречен транспорт на 40 килограми марихуана, како резултат на разменети информации помеѓу Секторот за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција, Регионалниот центар Југ и Службата за борба против дрога од градот Килкиз. Како што соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР, во првата акција, на територија на Р.Грција беше лишен од слобода грчкиот државјанин Ј.С., кај кого беше пронајдена марихуаната. Воспоставената успешна соработка помеѓу службите за борба против дрога и граничната полиција од двете земји, што во кус интервал резултираше со овие две успешно реализирани акции за спречување на меѓународен транспорт на дрога, ќе продолжи и во иднина, со цел спречување на секаков вид на прекуграничен криминал.