Споменикот на европскиот истражувач и навигатор Кристофер Колумбо, кој минатата година беше отстранет од една од главните авении на Мексико Сити, ќе биде заменет со статуа на домороден жител на Мексико, објави градоначалничката на главниот град Клаудија Шајнбаум.
Бронзениот споменик од 19 век беше отстранет од авенијата Пасео де ла Реформа во октомври минатата година, бидејќи властите се плашеа од насилни протести против величење на колонијалното наследство на Мексико.
Споменикот е преместен на друга локација каде што ќе биде реставриран.
Шејнбаум објасни дека на тој начин ќе се даде место на споменик кој ќе ја задоволи „социјалната правда“ кога станува збор за историската улога на Мексиканките, особено оние со домородно потекло.
„Се разбира, ние го признаваме Колумбо, но има две мислења“, рече Шајнбаум, додавајќи дека едно од нив е европската позиција за „откритието на Америка“, иако во Мексико со векови постојат различни цивилизации.
„Имаме друго гледиште овде, а тоа е дека во реалноста еден Европеец пристигна во Америка, создавајќи место за состанување на две цивилизации, а потоа следеше (шпански) освојувач“, додаде таа.
Споменикот на Колумбо ќе биде преместен на „соодветно место“ во главниот град, рече градоначалникот. Експедициите на италијански морнари и истражувачи, финансирани од 1490 година од шпанската „каса“, го отворија патот за европско освојување на Америка.
Неколку статуи на Колумбо веќе се отстранети од американските градови по протестот организиран под името „Црните животи се важни“ и по глобалното преиспитување на колонијалната ера и наследството на ропството.
Минатата година, левичарските групи се заканија дека ќе го урнат споменикот на 12 октомври, национален празник посветен на доаѓањето на Колумбо во 1492 година, што предизвикува контроверзии низ Америка.
Шајнбаум е близок соработник и сојузник на левичарскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор, кој најави дека во својот мандат првенствено ќе се занимава со заштита на сиромашните домородни заедници.